Секој човек во животот сака да остави некоја трага, а Марина Дочовска (53), од селото Волкодери, Ресенско, го прави тоа со својата љубов кон цвеќето и на сите им носи радост. Нејзината куќа веќе одамна стана симбол на овој крај, бидејќи е вистински цветен замок, особено во пролет и налето, иако, како што ни рече таа, во секој дел од годината ја красат разнобојни цветови.
Оваа куќа на цвеќето, како што ја нарекуваат, која не можете да не ја забележите ако одите од Ресен за Стење, е стара четириесетина години и ја изградиле родителите на Марина, кои порано живееле во старото село Волкодери, на падините на планината.
– Јас ја украсував куќата десетина години за свое лично задоволство, а потоа почнаа да ме прашуваат дали може да се купи цвеќето, па со сопругот Томче почнавме и со продажба. Со години одлично соработуваме со фирмите „Китка – Скопје“ и „Градина цвет – Струмица“, од кои купуваме оригинално холандско цвеќе во февруари и досега сме многу задоволни. Потоа го продаваме во ресенскиот крај, но и во Охрид и во Струга, во Скопје и низ цела Македонија.
Ресен веќе го викаат градот на сурфинијата, моето омилено цвеќе. Секоја година за оваа инвестиција извојуваме околу 2.000 евра – ни рече таа.
Кај Марина и нејзиниот сопруг Томче постојано доаѓаат разни луѓе, обични намерници, но и амбасадори и конзули, кои сакаат да ја видат куќата на цвеќето и да се фотографираат со убавата глетка.

– Тука се снимени многу фотосесии со младоженци, но и спотови, интерес има постојано. Неодамна нашата куќа беше декор за спот што се реализира за Албанија, лани снимаа видеоприказна брат и сестра од Кавадарци, дуетот „Танини“, а и пејачката Анета Наковска сними видео овде, како и многу други. Постојано доаѓаат и претставници на медиумите, интересот е навистина голем, особено во екот на туристичката сезона – вели Марина.
Интересна е приказната за бугарскиот конзул во Битола, кој неколкупати доаѓал инкогнито, без да се претстави кој е и купувал цвеќиња.
– Забележавме дека човекот доаѓа често, па му рековме дека е навистина убаво што е љубител на цвеќето. Тогаш тој ни рече дека е бугарски конзул во Битола. Кај нас дошле и рускиот и босанскиот амбасадор и со нив пиевме кафе во дворот. Тоа е уште еден доказ дека сите го разбираат универзалниот јазик на цвеќето и на убавината. Но и децата доаѓаат да се фотографираат со Снежана и со џуџињата, а тоа се само некои од украсите што ги имаме, освен цвеќето, за што е задолжена нашата ќерка Габриела. Таа се грижи и за нашата страница на социјалната мрежа Фејсбук, а многу ни помага и нејзиниот сопруг Владимир, за кого слободно можам да кажам дека е моја десна рака. Сите во семејството ја градиме оваа убава атмосфера што се чувствува тука, а еден човек ангажираме само напролет, кога е во ек продажбата на цвеќиња – открива оваа ведра, трудољубива и упорна жена.
Минатата година таа беше прогласена и за најуспешна жена земјоделец во Општина Ресен, на што е посебно горда.

Марина ни рече дека нејзината љубов кон цвеќето ја наследила од своите родители, бидејќи и нивната стара куќа секогаш ја краселе цвеќиња.
– Најпрво во дворот имавме ружи и гладиоли, бонбончиња, џунџулиња, бидејќи пред 30-40 години не ни знаевме за сурфинијата. Првпат посериозно ја украсивме куќата на свадбата на ќерка ми Габриела, сите балкони беа разубавени со сардели. Таа сега живее во Струга, дипломира на Медицинскиот факултет и во моментот специјализира педијатрија. А ако мене ме прашувате дали сум се школувала за ова, едноставно ќе кажам – не. Јас имам завршено средно прехранбено училиште. Сѐ што знам од оваа област научив сама и резултатите се последица на вложениот труд. Секако, со совети ми помага и сопругот Томче, кој е посветен на одгледувањето јаболка, а се занимава и со земјоделство, со што се ангажирани повеќето семејства во овој крај – вели Марина.
За неа секое цвеќе е убаво на свој начин, но сепак ако треба да оддели едно тоа е сурфинијата, која ги краси балконите и прозорците на нејзиниот дом.
– Каде и да одам купувам цвеќе, неговата убавина ми ја полни душата. И секој мој ден почнува и завршува со него. Со сопругот пиеме кафе во нашето катче во дворот, опколени со зеленило и со нашите папагалчиња, а потоа секој се посветува на своите обврски. Цвеќињата бараат постојан 24-часовен ангажман, наводнување, прихрана, нега. Ако не сум тука два дена, мора некој да навади, цвеќето е како дете, бара постојана грижа – ни рече таа.


Во дворот на Марина има и палми, лимони, лаванда, црвен јавор, банана, хибискус, бегонија, сардела….Од ноември до февруари има темјанушки, па потоа засадува сурфинијата, а во септември и хризантема и тогаш куќата плива во цвеќе.
– Не би можела да живеам без моите цвеќиња. Оваа работа ме исполнува независно од годишното време. Нема некоја тајна за успех, треба од срце да го сакаш она што го работиш, да си љубезен и насмеан со сите, да му објасниш сѐ што го интересира секој муштерија. Драго ми е што во екот на пандемијата на коронавирусот, на која сѐ уште не ѝ се гледа крајот, кај луѓето се зголеми интересот за цвеќињата, бидејќи имаат повеќе време за креативност. А тоа, пак, значи уште поубаво опкружување за сите – ни рече Марина Дочовска.