„Постмодерн џубокс“ ѝ приреди прекрасна опуштена забава на македонската публика во петокот вечерта. Шоуто на автентичниот колектив уште еднаш маестрално, со звуците на џез и свинг ја вратија музиката назад во времето. Комичниот настап на Марио Хозе никого не остави рамнодушен. Ја импресионира публиката во Македонската филхармонија, која беше пополнета до последно столче. Можеа да се слушнат фантастични изведби на модерни поп-песни препеани во нивен посебен старински стил.
„Постмодерн џубокс“ е музичкиот колектив што во целосно старински стил го носи духот на Њуjорк во своите настапи. На специфичен начин, групата составена од петмина пејачи, исто толку музичари и еден степ-танчар, изведува познати хитови, меѓу кои се и популарните песни на „Радиохед“, „Строукс“, Лејди Гага, „Вајт Страјпс“ и многу други.
Настапите на „Постмодерн џубокс“ во суштина претставуваат врвно џез и свинг-кабаре. Во Скопје групата настапи во рамките на актуелната турнеја, насловена „Бек ин блек енд вајт“ во организација на продукцијата „Авалон“.
Според контрабасистот на групата Адам Кубота, нивната гледаност на Јутјуб ја надминува бројката од милијарда прегледи, а досега настапиле на сите континенти, освен на Антарктикот.
„Постмодерен џубокс“, познат по акронимот „Пи-ем-џи“ е основан од пијанистот Скот Бредли во 2011 година. Колективот своите први кавер-песни ги снимил во својот подрум.
– Благодарам што нѐ извадивте од малиот подрум на Скот Бредли – рече Адам на концертот.
Во моментов се едни од најинтересните концертни атракции.