За „Нова Македонија“ од Тел Авив, Марија Таушанска
Како што беше најавено од организаторите на „Евровизија 2019“, поп кралицата Мадона синоќа доцна слета на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, за да учествува на финалното шоу, потврди весникот „Д Тајмс оф Израел“.
Мадона пристигна со бел приватен авион, а освен од организаторите на фестивалот, ја пречекаа и противници на „Евровизија“, со големи транспаренти, на кои пишуваше „Песните и сјајот не можат да го скрие фактот дека вие сте окупатори на територии“.
Весникот наведува дека Мадона се уште не го потпишала официјалниот договор за настап на Евросонг, наводно за сума од еден милион долари. Супервизорот на „Евровизија“ Јон Ола Санд неодамна изјави дека е потребно досега невидено обезбедување на салата и на „Експо центарот“ за нејзниот настап, поради терористички закани од противниците на „Евровизија“.
Таа беше облечена во бело и го криеше лицето додека одеше кон излезот на аеродромот, од каде се упати до хотелот „Дан“, каде е сместена и го изнајмила целиот петти кат.
Бројни новинарски екипи и фотографи, го окупираа приодот на овој хотел, што се наоѓа покрај морскиот брег.