Големите светски музички ѕвезди Мадона и Мајли Сајрус и рок бендот „Прл Џем“ ги откажаа концертите поради ширењето на коронавирусот, објави Би-би-си.
Мајли нема да патува за Австралија, каде што требаше да пее на хуманитарниот концерт за спас на австралиските шуми. Дивата Мадона, пак, го откажа настапот во Париз, поради забраната за масовни собири. „Прл Џем“ поради изложување на голем ризик нема да одржи концерти во САД и во Канада. И бендот „Кис“ ги откажа свирките, а турнејата на Нил Јанг е на чекање.
– Добивме известување дека големите собири се високо на листата на она што треба да се избегнува во оваа глобална здравствена криза, која влијае на животите на сите нас. Ризикот е преголем – велат членовите на групата „Прл Џем“.
Тие требаше да настапат и на фестивалот „Коучела“ во Калифорнија, кој е одложен за октомври. Впрочем во светски рамки, повеќето фестивали што требаше да се одржат пролетва се одложени за есенва.
Кина, Јапонија и Јужна Кореја ги откажаа скоро сите закажани концерти на неодредено време.