Благој Ламњов, кларинетист
Долгогодишниот труд и големата љубов кон она што го твори го донесоа на свет неговиот прв албум „Nostalgic Love“, кој содржи 10 песни, а најголем дел од композициите се инструментални. Во некои од нив е користена мелодијата на наши стари народни песни
Благој Ламњов е наш истакнат музичар и верен пријател на кларинетот, кој веќе подолго време живее и твори во Шведска. Зад себе има богата музичка кариера, исполнета со настапи низ целиот свет: во Јапонија, Кина, Америка, Канада, Европа. Музиката што ја создава има најголемо влијание од македонската народна музика, но помешана уште со неколку други стилови на музика, отсвирено со елеганција на класичната музичка традиција и класичниот тон на кларинетот. Долгогодишниот труд и големата љубов кон она што го твори го донесоа на свет неговиот прв албум „Nostalgic Love“, кој содржи 10 песни, а најголем дел од композициите се инструментални. Во некои од нив е користена мелодијата на наши стари народни песни, како „Лилјано, моме“, „Елено, ќерко“, „Јовано, Јованке“, како и мелос од велешката народна песна „Сербез Донка“.
Од каде ја црпите инспирацијата?
– Инструменталната музика, доколку е изведена добро, креира магична и интимна врска помеѓу слушателот и инструменталистот. Како инструменталист и како слушател, посакав да го отворам тој круг на слушатели, да привлечам поширока група луѓе што ќе можат да го вкусат тој замислен, интимен простор. Исто така, еднакво ми е важно мојата музика да биде интернационално прифатена. За да го постигнам сето тоа, морав да сменам нешто и да ги прекршам традициите на македонската инструментална музика. Морав да направам нешто неслушнато досега на овој инструмент. Сето ова почна пред 15 години во Шведска.
Како и секое креативно дело, и вашиот албум сигурно има некоја приказна, би сакале ли да ја споделите со нас?
– Компонирањето на секоја од песните беше процес што траеше од неколку недели до неколку години. Тоа што пред 15 години беше една приказна, подоцна станаа две приказни, па три, па четири… Тоа се личностите што ги испишаа празните листови хартија со ноти и го засадија длабоко во мене овој поетичен начин на музицирање во кој се пронаоѓа секоја од нив, а тие самите знаат кои се.
Какви се досегашните реакции за албумот?
– Реакциите се феноменални. Албумот „Nostalgic Love“ го слушаат рокери, блузери, џезери, деца, тинејџери, возрасни. Доживеав луѓе што никогаш во минатото не слушале кларинет, денес буквално да се будат и заспиваат со мојот албум. Доживеав студенти од музичките факултети во Македонија, средношколци и деца од музички училишта, возрасни и професионални музичари во Македонија да ја свират мојата музика. Тоа ме прави посебно среќен.
Каде сте настапувале и кои се вашите најголеми успеси?
– Како најголем успех во мојата кариера ја доживувам реакцијата на институциите за кои сум работел досега. Нема поубав момент од телефонски повик со предлог за повторна соработка со институција за која еднаш сте работеле. Штом некој ве бара по вторпат, вие дури тогаш сте свесни за вашиот професионализам и квалитет. Говориме за институции како Универзитетот на Гетеборг, Универзитетот на Лунд, Театарот на градот Стокхолм, Операта на Малме, Филхармонијата на Хелсингборг, сите во Шведска. Патем, сум настапувал и во Јапонија, Кина, Америка, Канада и половина Европа.
Дали во блиска иднина планирате да настапите во Македонија?
– Таа скромна бројка од неколку илјади мои обожаватели во Македонија заслужува да го вкуси во живо тоа што го слуша на моето цеде“Nostalgic Love“. И сигурно ќе се случи една серија од концерти, но не сум одлучил кога. Сигурно не во наредните две-три години. Ми треба помош затоа што не сакам сам да сум продуцент на една таква турнеја.