Документарец за научниците и пандемијата
Четворица храбри ловци на вируси, во истоимениот документарен филм, откриваат како изгледа за нив војната против ковид-19. Тоа се епидемиологот и еколог Кристофер Голден, зоологот и стручњачка за лилјаци д-р Кендра Фелпс, ветеринарот и еколог д-р Џим Дезмонд и дописникот на телевизијата Еј-би-си њуз Џејмс Логан.
Поимот вирус одамна ни е познат – од животот, литературата или благодарејќи на седмата уметност и сите апокалиптични сценарија, кои со децении на големото платно успешно го погребуваат човештвото. Многумина од нас прележале разни видови вируси, но целата планета стравува од оној што има префикс – смртоносен. Човештвото е окупирано со моменталната пандемија на коронавирусот, која во одделни случаи има фатални последици, но за научниците што се занимаваат со оваа тематика се знае многу малку. Наспроти тоа, искуството покажа дека луѓето не размислуваат премногу за тоа што е следното што може да му се случи на светот, туку се занимаваат со оној пожар што моментално пустоши. Оние што се наоѓаат на првите линии на научната борба се свесни дека најлошото допрва доаѓа. Низ целиот свет научниците се обидуваат да ја спречат катастрофата, а нивните напори претставуваат најважен научен потфат на цела една генерација. Документарецот „Ловци на вируси“, кој премиерно ќе биде прикажан в недела на каналот Нешенел џеографик, ќе ни ја прикаже застрашувачката приказна за четворица храбри стручњаци, чија цел е да го утврдат редоследот на настаните што би можеле да доведат до нова глобална здравствена криза.
Луѓето не ги движи разумот, туку стравот
Научното искуство, заедно со практичното, досега покажа дека најголем број вируси се шират преку лилјаците. Со проучувањето на лилјаците и феноменот на транзиција на вирусот од овие животни на човекот веќе две децении се занимава д-р Кендра Фелпс.
– Кога ќе дојде до пандемија, тоа е моментот кога „водата веќе ја прелива браната“. Не може многу да се стори, со исклучок на превенција за натамошно ширење на болеста, едукација на населението и надеж дека сево ова наскоро ќе заврши. Меѓутоа, нашата работа не е фокусирана на борбата со вирусот во текот на пандемијата. Ние сме задолжени за предупредување од тие трагични сценарија и пронаоѓање начин да не дојде до нив – порачува Фелпс.
Таа поголемиот дел од годината е на терен, каде што открива како луѓето би можеле да го сменат своето однесување кон екосистемот, со намера да се спречи ширењето на вирусот во пандемија.
– Во текот на еволуцијата, луѓето се развија во супервид, но сепак нивната примарна реакција на секоја кризна ситуација и натаму е стравот. Тоа произлегува од незнаење. Со своите животни навики луѓето длабоко навлегоа во природното опкружување, очекувајќи дека жителите на тој систем ќе се повлечат или ќе исчезнат. Меѓутоа, природата е многу подолго од нас на планетата. Животните што исчезнуваат многу подобро од нас знаат што е приспособување на промените. Во споредба со нив, нашиот закон е силата, а нивниот во однос на нас – адаптацијата. Она за што луѓето мораат да бидат свесни е фактот дека ковид-19 е само еден од милиони вируси што нѐ демнат од природата и кои само чекаат вистински момент да нападнат. Нашето знаење за коронавирусот е минимално, а го истражуваме доста долго. Можете ли да замислите колкави се нашите ресурси за борба против сите други за кои не знаеме ништо – заклучува д-р Кендра Фелпс.
Личната (не)одговорност како лек и казна
За суровоста на светот во кој живееме говори и д-р Џим Дезмонс. Тој со сопругата и кучето живее во Источна Африка, каде што работи на заштита на загрозените видови и како ветеринар консултант им помага на голем број организации во зачувувањето на природната средина.
– Наспроти тоа што е огромен, нашиот свет поради трговијата и развојот на технологијата стана гигаполис во кој сите меѓусебно сме први соседи. Така, она што се случува во Африка или во Азија веќе утре е на нашиот праг и обратно. Престојувајќи во Либерија, каде што се занимавав со теренски истражувања за потребите на овој документарец, дојдов до заклучок дека за ширењето на заразата најмногу придонесуваат луѓето. На улиците и на пазарите на Либерија најзастапени беа оние артикли што доаѓаат од дивината. Тоа е месо од животни што не поминало никакво тестирање и е потенцијална вирусна бомба и иницијална каписла за секоја следна епидемија – вели д-р Дезмонд, кој своевремено работел и на Балканот.
Неговиот колега, епидемиологот и еколог д-р Кристофер Голден, член на друштвото „Нешенел џеографик“, имал задача да открие што ги поврзува културата, болестите и природното опкружување, за да се открие шаблонот според кој доаѓа до пандемии.
– За жал, во текот на последните децении е очигледно дека епидемиолошките експлозии се сѐ почести, а причината за тоа не е во природата. Ако е пред вас оган, а вие свесно ја ставате раката во него, најлогично е дека ќе се изгорите. Сепак ова не е крај на светот, како што прикажуваат некои нови филмови на оваа тема, туку само апел за будење на човештвото – вели Голден.
Не убиваат вирусите, туку недостигот од свест
Со ова се согласува и Џејмс Лонгман, дописник на телевизијата Еј-би-си њуз, кој благодарение на „Ловци на вируси“ од прва рака можел да се увери како ковид-19 ја уништува светската заедница. Тој своето богато искуство во истражувачкото новинарство го овенчал со три номинации за наградата „еми“ во категориите информативно-документарно известување.
– Најсилен впечаток во текот на работата на филмот ми беше фактот што ние сме на терен додека целиот свет стои. Тоа беше сосема изменета реалност и потресно искуство, од агол на обичен човек што е нејзин дел. Меѓутоа, како новинар имав задача сите откритија до кои дојдоа научниците на гледачите да им ги соопштам на разбирлив начин. Улогата на медиумите во ситуации како оваа што нѐ снајде во март годинава е информативна и едукативна. Задачата на новинарите е знаењето на експертите да го поедностават и да го пренесат до населението, за да стане свесно за ризикот и да почне да се штити. Сепак, одговорноста на крајот е индивидуална. Вирусите не ги убиваат луѓето, туку присуството или отсуството на свест за опасноста и ризикот во времето во кое живееме. Следејќи ја таа логика, би можело да се каже дека сме планета на самоубијци и само од нас зависи дали пандемијата ќе биде нашето ново утре – смета Лонгман.