Една година без Питер Грин
Питер Ален Гринбаум, алијас Питер Грин, кој почина лани на овој ден, претставува вистинската легенда и херој на британската и на светската рокенрол и блуз-музика, кој покрај великите Ерик Клептон, Џон Мејл, Џеф Бек, Рори Галахер, беше водечка личност и уметнички креатор на белиот блуз.
Роден е во семејство од работничка социјална средина на Бетел Грин во Лондон, како најмлад од четирите родени деца. Израснува низ тоналитетите на еврејската британска музика и, секако, восхитот кон легендите на ББ Кинг, Мади Вотерс, Фреди Кинг, Елмор Џејмс. На десетгодишна возраст свири на гитара, по што рокенролот и блуз-музиката му стануваат опсесија. Но трагањата по новите иновации и откривањето на рок-световите, Питер Грин ги гледа низ средбите со басистот Џон Мекви и тапанарот Мик Флитвуд и нивниот заеднички и прв настап во 1967 година на „Виндзор џез-блуз фестивалот“, проширувајќи ја групата со гитаристот Дани Кирван. Тоа претставуваше мигот и појавата на големите хитови како: „Black Magic Woman‘‘ (подоцна големо откритие на групата „Сантана“), како и маестралниот незаборавен инструментален хит и откровение „Albatross“, како и песните „Oh Well“, „Man of the World“ и други. Се раѓаат „Флитвуд мек‘‘, како вистинска експлозија и гејзир за британската рок и блуз-сцена и многуте хитови што потоа се раѓаат од душата и талентот на Питер Грин, како композитор, вокал и гитарист. Сите негови албуми и музички блуз-делници, изобилуваат со нежност, болка, немир, трагање и баладичен елегиски призвук на неговиот психоделичен дар, навеан со лирските тоналитети и поетиката на рапавиот блуз.
Питер Грин остава недогледни траги со своите антологиски композиции: „Need your love so bad“, „Love That Burns“, „I Believe My Time Ain’t Long“, „Doctor Brown“, „I’d Rather Go Blind“…, како и албумот „Mr. Wonderful“. Посебно внимание привлекува со луксузното цеде со наслов „Fleetwood Mac: 1969-1974“, како и низ шармот и зарипнатиот глас на албумите „Bare Trees“ и „My Mistery“. Веќе во 1980-тите години, Питер Грин се соочува со долгите турнеи во САД, зависноста со ЛСД, алкохолот, шизофренијата и лекувањето во психијатриските болници. Помошта и ангажирањето на неговите сестра и брат околу неговото здравје остануваат безуспешни. Сепак Питер Грин низ подемот на својата музичка кариера остава силна трага врз историјата на т.н. бел британски блуз. Во 1990-тите години ја формира групата „Питер Грин Стриминтер“ со гитаристот Најџел Вотсон. Во 2009 година по долгата терапија, повторно се враќа на турнеите низ Велика Британија и Европа. Во 1969 година продаде повеќе албуми отколку „Битлси“ и „Ролингстонси“. Р.К.