По одлуката на Германија да дозволи евтаназија, односно потпомогнато самоубиство, Португалија и Нов Зеланд оваа година на референдум ќе одлучуваат дали ќе им се придружат на зголемениот број земји во кои неизлечивите пациенти имаат право на достоинствена смрт. Во т.н. главен град на евтаназијата Белгија, ова право во 2019 година било искористено од рекорден број лица осудени на страдање и бавна смрт. Многумина што побарале евтаназија потекнуваат од други земји на Европската Унија, каде што евтаназијата е забранета со закон, претежно од Франција. Просечната цена на постапката е 3.500 евра, а трошоците ги покрива европското здравствено осигурување.
Имено, пред извесно време, германскиот Федерален уставен суд во градот Карлсруе го укина ставот 217 од Кривичниот законик, донесен во 2015 година, со кој „комерцијалната промоција на институционално организираната евтаназија“ се прогласува за кривично дело, по што на оние што се тешко болни и што сакале да си скратат маките им преостанува само помошта од членовите на семејството, бидејќи законот не предвидел казна за нив, или заминување по „услуга“ во Белгија, Холандија или во Швајцарија.
Од Орегон до Вермонт, евтаназијата и помогнатото самоубиство со одредени законски ограничувања сега се дозволени во десет американски држави, исто така во Канада и во Колумбија. По Викторија, евтаназијата беше легализирана и во Западна Австралија минатата година, а во ЕУ првата држава што го направи тоа е Холандија, потоа следуваат Белгија и Луксембург, како и Швајцарија, која е надвор од ЕУ.
Додека папата Франциск ја критикува евтаназијата како „утилитарен поим за личноста“, италијанскиот Уставен суд го декриминализира асистираното самоубиство, шпанскиот парламент го донесе Законот за право на евтаназија под строги услови, а Португалците и Новозеланѓаните ќе одлучуваат на референдум годинава. Доколку не можат да го сторат тоа во сопствената земја, Европејците обично одат по „услуга“ во Швајцарија, Белгија и во Холандија. Минатата година 300 Британци побарале помош во швајцарскиот центар „Дигнитас“ во Цирих, а Белгија била домаќин на рекордни 2.023 лица, претежно Французи. Од 2014 година, Белгијците го легализираа асистираното самоубиство со смртоносна инјекција за деца затоа што нивниот закон нема поставено старосна граница, додека кај Холанѓаните е ограничено на малолетни лица над 12 години, со родителска согласност, секако.
Белгија, исто така, е особено привлечна затоа што трошоците за постапката ги покрива европското здравствено осигурување. Тие се движат од околу 3.500 евра и се наплатуваат дури и ако пациентот се премисли. Бидејќи барателот на евтаназијата мора да се сретне со лекарот неколкупати за да може да гарантира дека решението е доброволно и ги исполнува потребните критериуми, а тоа значи високи трошоци за превоз и престој, како за пациентот, така и за оние што го придружуваат.
Додека некои во Германија ја поздравуваат одлуката за укинување на ставот 217, противниците, како што е Хајнер Мелчинг, шеф на германското здружение за палијативна медицина, предупредува дека укинувањето на забраната може да ја отвори вратата за „самопрогласените асистенти за евтаназија“. А прашањата за асистирана смрт и евтаназија во Германија се особено чувствителна тема, поради сеќавањето на застрашувачката „програма за еутаназија“, како што нацистите ја нарекле систематска ликвидација на 300.000 лица со ментални и телесни пречки.
Но и по сите законски, логистички и финансиски проблеми, останува најважното и чувствително етичко и филозофско прашање за тоа дали некој смее да си дозволи да биде господар на својот или на туѓиот живот.