Според Европската велосипедска федерација, лани градовите потрошиле милијарда евра на велосипедски мерки поврзани со ковид-19, создавајќи најмалку илјада километри велосипедски патеки
Кога пандемијата на коронавирусот доведе до глобална блокада пред една година, стотици градови решија да ги приспособат улиците за да ги олеснат одењето и возењето велосипед и да помогнат во физичкото дистанцирање. Денес, овие проекти се покажаа толку успешни што градовите низ Европа веруваат дека велосипедите ќе бидат клучни за закрепнување.
Според Европската велосипедска федерација (ЕЦФ), во 2020 година градовите потрошиле милијарда евра на велосипедски мерки поврзани со ковид-19, создавајќи најмалку илјада километри велосипедски патеки, информира „Гардијан“.
Покрај тоа, мерките се преземени не само од Данска и Холандија, каде што сообраќајот за велосипедистите е веќе вообичаена практика, туку и од многу земји со несоодветна инфраструктура. Пандемијата поттикна создавање инфраструктура за велосипедизам.
– Мислам дека пандемијата само значително забрза некои процеси – вели Александар Бучињски од ЕЦФ.
На пример, миланската програма „Стрејд аперте“ беше лансирана во април 2020 година со предложени околу 35 километри нови заштитени велосипедски патеки и приоритетни пешачки области. Велосипедската патека на Корсо Буенос Аирес сега е најпрометна во градот, која ја користат дневно дури 10.000 велосипедисти – зголемување за 122 отсто за неколку месеци. Милано сега го прошири „Стрејд аперте“ на 66 километри, а до летото се предвидени 98 километри.
Во Париз, улиците во кои некогаш доминираа автомобили сега се полни со велосипедисти. Од пролетта 2020 година, се проценува дека велосипедизмот е зголемен за 70 отсто, а 50 километри привремени патеки инсталирани рано во кризата ќе станат трајни, со градење дополнителни. Процентот на жени во велосипедизмот се зголеми, а неодамнешното истражување покажа дека 62 отсто од жителите сакаат новите патеки да останат трајни.
Оваа година, Лисабон речиси ја удвои својата претходна мрежа за велосипеди од 100 километри на 200. Заедно со Барселона, ова се дел од долгорочните планови за зголемување на одењето и возењето велосипед, борба против загадувањето на воздухот и намалување на влијанието на топлината со придружни мерки за зголемување на сенките на улиците.
Во истражувањето спроведено на 21 европски град, 64 проценти од испитаниците изјавиле дека не сакаат да се вратат на нивото на загадување на воздухот пред ковид-19, кое е над дозволеното во многу градови. Околу 21 процент од нив рекле дека планираат да возат велосипед повеќе откако ќе заврши пандемијата, а 35 проценти планираат да одат повеќе.
– Од витално значење е да продолжиме да го надградуваме ова позитивно наследство од пандемијата, а не да се вратиме на старите навики – вели Вил Норман, лондонски комесар за риболов и велосипедизам.
Краков инсталира неколку велосипедски патеки што го зголемија нивото на велосипедизам за 100 отсто минатото лето, а многумина се префрлија од јавениот превоз на велосипед. Градот сега разви петгодишен план за понатамошно проширување на својата велосипедска мрежа.
– Луѓето велат дека на данските градови им биле потребни 30 или 50 години да ја изградат својата инфраструктура за велосипедизам, но ние немаме толку време. Имаме климатска криза што не може да чека 50 години. Треба да го смениме системот за транспорт мошне брзо – рече Бучињски.