Низ историјата, но и ден-денес, постојано има примери во кои се гледа нераскинливата врска меѓу човекот и животните. Многу од тие ситуации инспирирале филмски наслови, кои покажуваат дека луѓето и животните можат да воспостават еден неверојатен и пријателски однос. Во прилог неколку филмови.
„Хачико: Приказна за едно куче“ (2009)
Режија: Лас Халстром
Актери: Ричард Гир, Џоен Ален
Кратка содржина: филмот прикажува како Ричард Гир случајно наоѓа куче со кое формира силна и необјаснива врска. Оваа топла вистинита приказна претставува американска адаптација на една јапонска приказна за едно верно куче по име Хачико. Овој многу посебен пријател го следел својот сопственик до железничката станица и се враќал секое попладне за да го пречека од работа. За жал, неговиот сопственик умира еден ден и никогаш не се враќа на станицата. Хачико верно се враќа на истото место на станицата следниот ден и секој ден во следните девет години, за да го чека својот сопственик.
„Животот на Пи“ (2012)
Режија: Анг Ли
Актери: Сурај Шарма,
Ирфан Кан
Режисерот Анг Ли, според книгата на Јан Мартел, создаде маестрален филм, кој дефинитивно е еден од современите класици. Номиниран e дури за 11 „оскари“, од кои 4 освои. „Животот на Пи“ е приказна за едно момче што ќе преживее несреќа и ќе воспостави неочекувана врска со уште еден преживеан, односно со бенгалски тигар.
„Китот Рајдер“ (2002)
Режија: Ники Каро
Актери: Кејша Кестл Хјуз, Равири Паратен
Кратка содржина: „Китот Рајдер“ е уште една генијална приказна, во која девојката Паикеа, од полинезиското племе Маори, мора да ја исполни својата судбина, која нејзиниот дедо одбива да ја прифати. И тоа само затоа што Паикеа е женско.
„Ејт билоу“ (2006)
Режија: Френк Маршал
Актери: Пол Вокер, Џејсон Бигс
„Ејт билоу“ е филм во кој Вокер мораше да ги остави саканите хаски во дивина, но им ветува дека ќе се врати по нив. Филмот во целост покажува дека пријателството кон кучињата не е ништо помалку од пријателството кон луѓето. Леденото пространство во Антарктикот, каде што хаските се оставени да преживеат дури на -50 степени, изгледа величествено, но, од друга страна, страшно.
„Дума“ (2005)
Режија: Керол Балард
Актери: Алекс Михаелетос, Кемпбел Скот
Ова е приказна за пријателството на едно момче и на дива мачка, наречена Дума. Адаптирана е врз основа на книгата „Керол и Хана Хопкрафт“, а филмот е снимен на егзотични локации во Јужна Африка.
„Роден слободен“ (1966)
Режија: Џејмс Хил
Актери: Вирџинија Мекена, Бил Траверс
Можеби не е толку познат, но во секој случај култен филм. „Роден слободен“ е ремек-дело на режисерот Џејмс Хил, снимен низ прекрасните пејзажи на Кенија. Ова е приказна за брачен пар што ја посвојува малата лавица Елса, која мора да ја подготват за живот во дивината.
„Леси се враќа дома“ (1943)
Режија: Фред М. Вилкокс
Актери: Роди Мекдоул, Доналд Крисп
Најстариот филм на оваа листа, култниот „Леси се враќа дома“, е филм за кој би било подобро да не се каже ништо, бидејќи доколку се почне раскажувањето ќе нема крај.
„Меган Ливеј“ (2017)
Режија: Габриела Коупертвејт
Актери: Кејт Мара, Рамон Родригез
„Меган Ливеј“ е филм изненадување. Овој филм, снимен за вистински настан, е нешто како модерна верзија на Рин Тин Тин и зборува за Меган, член на армијата на САД и нејзиниот воен сојузник, кучето Рекс, кое спаси многу животи за време на мисијата во Ирак.
„Двајца браќа“ (2004)
Режија: Жан Жак Ану
Актери: Гај Пирс, Фреди Хајмор
На сите им е познат британско-францускиот филм за двајцата браќа. Санга и Кумал се тигри што откако се разделени, едниот завршува во циркус, а другиот како милениче. Подоцна судбината повторно ги спојува. Филм што не досадува и по неколку гледања.