Познатата култна париска книжарница „Шекспир енд компани“ побара помош од своите клиенти, поради финансиските загуби што ги претрпе за време на пандемијата на коронавирусот. Книжарницата, која е културно обележје на Париз, од март доживува пад на продажбата за 80 отсто. Дури и два месеца била затворена. Но сега, откако е воведен нов полициски час, побара од читателите што имаат можност да пазарат онлајн и да ја одржат во живот оваа култна институција.
– Како и многу други бизниси, и книжарницата забележа загуби, па бараме нови начини за опстојување – пишува во мејлот испратен до корисниците на книжарницата.
Книжарницата, која е глобално позната по својата автентичност, им порачала на читателите дека поминува низ „тешки времиња“, бидејќи ковид-19 ги ограничува потенцијалните купувачи во движењето и купувањето.
Веднаш по праќањето на мејлот, ќерката на покојниот сопственик на книжарницата, Силвија Витман, објавила дека многу читатели ѝ излегле во пресрет. Таа изјави дека онлајн продажбата наишла на позитивен одѕив кај клиентите, кои нарачале над 5.000 книги преку интернет за една недела, што е 50 пати повеќе од просечната продажба. Познатата книжарница е поддржана од љубителите на книгата од сите слоеви, од студенти со ограничен буџет до поранешниот француски претседател Франсоа Оланд. Многу жители на Париз ѝ понудиле на Витман и донација за книжарницата, бидејќи имаат убави спомени од ова место, кое е познато како прва култна независна книжарница во светот. Но таа претпочита да ги заработи парите преку продажба на своите книги.