Витлеем, родното место на Исус, не ги откажа божиќните традиции но намалена е божиќната радост зашто луѓето мораат да седат дома. „Плоштадот на јаслите“ во Витлеем е украсен со голема елка за Божиќ, но оваа сезона не е така радосна, пренесува Би-би-си.
Во 2019 година, десетици илјади луѓе го посетија овој мал град за празниците, а рекордни бројки од туризмот имаше низ цела година. Сѐ до пандемијата се претпоставуваше дека ова ќе биде уште една добра година.
– Пополнетоста на капацитетите беше 90 отсто. Сите инвестираа во овој сектор. Бизнисмени почнаа да градат хотели. Јас отворив 22 нови луксузни соби. Сега сѐ е мртво. Изгледа тажно – вели Маријана ал-Арја, менаџер на хотелот „Ејнџел“.
Токму тука во март се појавија првите случаи на коронавирус на Западниот Брег, донесен од грчки туристи. Два месеца подоцна, Ал-Арја мораше да отпушти 25 вработени и да го затвори хотелот.
– Ова е местото каде што е роден Исус. Сигурна сум дека туристите ќе се вратат во Витлеем, но за тоа треба време. Чекаме целиот свет повторно да се раздвижи – вели Ал-Арја.
Освен хотели, се затворија и ресторани и продавници за сувенири.
Градоначалникот на Витлеем вели дека традиционалните божиќни свечености не се откажани, но ќе изгледаат поразлично. Полноќната миса во Базиликата на Исусовото раѓање беше затворена за јавноста, а доаѓањето го откажа и Махмуд Абас претседателот на Палестина. На луѓето им е забрането да излегуваат надвор од 19 до 6 часот, а во петоците и саботите цел ден.