Концерт за класична гитара на младите музичари Дамјан Илиевски и Георги Трајков ќе се одржи во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, утревечер, во 19 часот. И двајцата се студенти на ФМУ, во класата на професорот Дарко Багески.
Дамјан Илиевски (25) е од Скопје, а првите две години од студиите ги поминува под водство на проф. Борче Наумоски. Активно учествува на мастер-часови кај врвни музички педагози и инструменталисти, од земјава и од странство. Настапувал со гитарскиот оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со камерни состави, и на неколку концерти како солист.
Георги Трајков (22) е од Струмица и основното музичко образование го стекнува во класата на проф. м-р Васко Пиличев. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ – Скопје на отсек класична гитара во класата на Дарко Багески. Во моментот e четврта година нa Факултетот за музичка уметност. Во текот на своето школување учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари во Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Австрија, Германија и Италија каде што има освоено многу награди.