Истражувачите од институтот „Рослин“ во Шкотска имаат генетски модифицирани кокошки што ги користат за производство на човечки протеини во нивните јајца. Продуктот од кокошки може да чини од 10 до 100 пати помалку отколку во фабриките.
Студијата покажа дека големи количества протеини може да се земат од секое јајце со користење едноставен систем за одвојување и не постојат негативни ефекти врз самите кокошки, кои ги снесуваат јајцата како вообичаено. Терапевтските протеини се вградени во ДНК на кокошката и се создаваат како дел од белката на јајцето.
Истражувањето објавено во „Би-ем-си биотехнолоџи“ наоѓа цврсти докази за користењето на кокошките како евтин метод за производство на висококвалитетни лекови што дејствуваат исто како протеините произведени со користење на досегашните лабораториски методи.
Тимот во институтот „Рослин“ и во „Рослин технолоџи“ првично се фокусира на два протеини што се од суштинско значење за имунолошкиот систем и што имаат терапевтски потенцијал. Всушност, станува збор за човечки протеин наречен ИФНалпа2а, кој има силен антивирусен и антиканцероген ефект и протеинот наречен макрофаг-си-ес-еф, кој е развиен за терапија што стимулира обнова на оштетените ткива.
Кокошките можат да произведат 15-50 микрограми од бараниот протеин на милилитар во белката од јајце – и само три јајца се доволни за да ја обезбедат клинички потребната доза на лекот. Со оглед на тоа што е познат фактот дека кокошките можат да снесат до 300 јајца годишно, истражувачите велат дека овој пристап до протеинот би можел да биде многу поекономичен во однос на другите методи за производство на одредени лекови.
– Ние сѐ уште не произведуваме лекови за луѓето, но оваа студија покажува дека кокошките се комерцијално исплатливи за производство на протеини погодни за замена на одредени лекови и други примени во биотехнологијата – вели професорката Хелен Санг од институтот „Рослин“ при Универзитетот во Единбург.