Животот на холивудските музички и други икони отсекогаш бил голема инспирација за создавање филмски спектакли. Биографиите на познатите ни откриваат скриени детали од животот на луѓето што некогаш сме ги гледале на насловните страници, сме ги следеле на телевизија и на филмското платно, а од скоро и на интернет, и сме мислеле дека знаеме сѐ за нив. Има многу причини зошто ги сакаме овие филмови – интригантни се колку и главните ликови, но носат доза на носталгија, поради естетиката, но и затоа што говорат за луѓето на чиј подем и самите сме биле сведоци.
Бидејќи интересот за вакви филмови не се намалува, издвојуваме некои од поновите биографски остварувања, чии улоги ги играат исто така познати глумци.
Тимоти Шаламет како Боб Дилан
Тимоти Шаламет го игра Боб Дилан во новиот биографски филм за животот на легендарниот музичар и поет. Филмот се фокусира на 1960-тите, кога Дилан акустичната музика ја заменува со електрична, што на голем број негови обожаватели тогаш не им се допадна. Режисер е Џејмс Менголд, кој режираше и филм за Џони Кеш. Интересно е дека самиот Дилан е еден од извршните продуценти. Филмот сѐ уште е на чекање поради пандемијата, затоа што за снимањето на сцените во клубовите се потребни многу статисти и голем тим за шминка и костими.
Луси Бојнтон како Мериен Фејтфул
Уште една музичка биографија е дел од кариерата на актерката Луси Бојнтон. По улогата во филмот „Боемска рапсодија“, таа ќе глуми во „Фејтфул“. Ќе ја игра Мариен Фејтфул, една од најголемите ѕвезди на 1960-тите години. Дејството е сместено во Лондон и го следи неверојатниот пат на музичарката, од ученичка што прекуноќ се претвора во поп-ѕвезда, нејзината турбулентна врска со Мик Џегер и крахот што ја претвора во зависничка, без покрив над главата.
Остин Батлер како Елвис Присли
Остин Батлер досега сме го гледале во повеќе споредни улоги, а лани го привлече вниманието со улогата во филмот на Тарантино, „Еднаш одамна во Холивуд“. Пред него е важен проект, да ја игра улогата на кралот на рокенролот Елвис Присли, во најновата филмска биографија. Филмот ќе го режира Баз Лурман, а дејството се фокусира на подемот на Елвис, комплицираниот однос со менаџерот и главните настани од неговиот приватен живот.
Џенифер Хадсон како Арета Френклин
Една од најочекуваните филмски биографии е „Респект“, за животот на Арета Френклин. Во јануари 2018 година, пејачката ја избра Џенифер да ја глуми во филмот за нејзиниот живот. Музичката ѕвезда и самата била дел од плановите за снимање на филмот, сѐ до смртта во август 2018 г. Филмот се занимава со развојот на кариерата на Арета, од пеењето во црковен хор до статусот музичка икона, како и со подемите и падовите во нејзиниот приватен живот.
Џони Флин како Дејвид Боуви
Најпосле ќе видиме и филм посветен на животот на еден од најважните музичари на сите времиња. Дејвид Боуви ќе го игра Британецот Џони Флин, кој се прослави со улогата во серијата „Лавсик“ (Lovesick). Режисер е Габриел Ренџ, а синот на Дејвид Боуви им откри на медиумите дека продукцијата нема поддршка од семејството. Екипата ангажирана на филмот потоа објасни дека не станува збор за класичен биографски филм, туку за дело каде што ќе бидат забележени клучните моменти во животот на Боуви, кога го измисли алтер егото Зиги Стардаст, и се занимава со проучување на овој лик, а не само со музичките успеси.
Кристен Стјуарт како принцезата Дијана
Животот на принцезата Дијана постојано привлекувал големо внимание, а нејзината несреќна смрт е еден од највпечатливите настани во современиот свет. Таа ја обележи историјата и стана поп икона на културата, па затоа за неа се снимени неколку документарци и играни филмови. Драмата „Спенсер“ не се занимава со нејзината трагична смрт, туку со односите со сопругот и со кралското семејство. Нејзиното напуштање на принцот Чарлс и одбивањето на кралските привилегии, како и последиците од сето тоа, се главната нишка низ овој филм. Леди Ди, на големо изненадување на публиката, ја игра актерката Кристен Стјуарт. За тоа дали таа е вистински избор своевремено се водеа полемики на социјалните мрежи. Во меѓувреме се појави и серијата „Круна“, во која Дијана ја игра Ема Корин.