Нешто повеќе од еден месец до јубилејниот концерт, по повод дваесетгодишната музичка кариера, закажан за 23 ноември во СРЦ „Кале“, групата „Нокаут“ деновиве ги израдува обожавателите со нова песна, за која е реализиран и видеозапис во режија на Александар Ристовски-Принц.
Станува збор за синглот „Кога ме сакаш ти“, најава за новиот, четврти по ред албум на бендот. Автор на музиката е Дарко Димитров, текстот го напиша Огнен Неделковски, со што е реализирана првата негова соработка со членовите на групата „Нокаут“.
Песната е снимена во студијата „Перевски“ и „Димитрови“, каде што е направен и миксот, а аранжманот и продукцијата се на Никола Перевски и Дарко Димитров.
Инаку, ова е втор сингл на групата во последно време, бидејќи неодамна беше промовирана и песната „Ти си таа“, која за нив ја напиша Игор Атанасоски-Харе, а аранжманот и продукцијата беа на Никола Перевски-Пере. Интересниот спот за оваа песна е дело на Јован Куциновски.