Клинт Иствуд ќе биде продуцент, режисер и ќе глуми во својот следен филм „Плачи Мачо” за „Ворнер брос“, пренесува магазинот„Варајати“
Иствуд со Ал Руди и Џесика Мајер ќе бидат продуценти заедно со Тим Мур и во неговата продукцијска компанија „Малпасо“ која е составен дел од „Ворнер брос“. Новиот филм се базира на романот од 1975 година на Ричард Неш, кој го напишал сценариото заедно со Ник Шнек.
Иствуд во филмот ќе го толкува ликот на поранешен тренер на коњи и родео ѕвезда кој сака да заработи 50.000 долари со грабнување на момче од неговата мајка во Мексико Сити за да му го донесе на неговиот татко во Тексас, кој му е поранешен шеф.
Иствуд, кој наполни 90 години во мај, е познат по тоа што може брзо да ги снима своите филмови, честопати со снимање само на една или две снимки од сцената и во рамки на буџетот. Тој го режираше и глумеше во „Мазга“ во 2018 година и го режираше минатогодишниот „Ричард Џул“, во кој го играше Пол Волтер Хаузер, чиј живот се претвори во хаос откако бил прогласен за осомничен за бомбашкиот напад за време на Олимпијадата во Атланта во 1996 година, по откривањето на оставен сомнителен ранец.
Иствуд има четири „оскари ,за режија и продукција за „ Девојка од милион долари“ и исто така за режија и продукција за „Непростено“. Бил номиниран за најдобар филм за „Мистична река“, „Писма од Иво Џима“ и „Американски снајперист“, за најдобра машка улога за „Девојка од милион долари“ и „Непростено“ и за најдобра режија за „Мистична река“ и „Писма од Иво Џима“.
Клинт Иствуд е роден во Сан Франциско на 31 мај 1930 година. Тој почнал да ја гради кариерата во филмската индустрија во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, играјќи прво во италијанските т.н. „шпагети вестерн“ филмови на Серџо Леоне. Голем белег остави со неговата улогата на тврдоглавиот американски полицаец Хари Калахан во филмскиот серијал „Валканиот Хари”.
Во својата богата кариера играл во голем број реномирани воени, криминалистички и драмски проекти. Својата режисерска кариера ја почнал во 1971 година со филмот „Морничава ноќ“.
Иствуд е носител и на големата францускиот орден „Легија на честа“. Тој е голем обожавател на џез музиката, а кон крајот на 1980-тите, како независен кандидат бил избран за градоначалник на гратчето Кармел-бај-д-си, во округот Монтереј, во американската сојузна држава Калифорнија.