Зачинетата зелка позната како кимчи е омилена во Јужна Кореја, но Кина навидум тврди дека јадењето е нејзино. Токму затоа, Кинезите и Корејците на социјлните мрежи се расправаат околу потеклото на специјалитетот (се прави од ферментиран сезонски зеленчук, најчесто зелка), кој низ светот се смета за неизоставен дел на корејската кујна.
Азискиот спор потсетува на случајот со мусаката од минатата година, кога Грците биле шокирани што популарното балканско јадење било служено под државните обележја на Македонија, на штандот на саем за вино во Германија.
– Тие ја рекламираа мусаката како македонска. Но, не е само тоа во прашање. Тие ги служеа и грчкиот јогурт и кафето како нивни – се побунил тогаш Анастасис Пеипетис, угостител од Крф, во изјава за британски „Тајмс“.
Сегашниот конфликт меѓу Кина и Јужна Кореја е поттикнат откако кинеското јадење пао каи доби сертификат од Меѓународната организација за стандардизација (ИСО). Весникот „Глобал тајмс“ објави дека потврдата претставува „меѓународен стандард за индустријата на кимчи предводена од Кина“. Самото спомнување на зборот кимчи поттикна гневни обвинувања од Корејците дека Кина се обидува да го прикаже јадењето како нејзино, кога всушност признанието се однесува на пао каи – видот на вкиселен зеленчук од сечуанската кујна.
– Ова е потполна бесмисленост со која се краде нашата култура – вели еден од коментарите на Корејците.
А дел од кинеските медиуми отидоа дотаму да велат дека „кинеското присвојување на кимчи претставува обид за светска доминација“.
Дури и корејското министерство за земјоделство даде соопштение во кое истакна дека ИСО-стандардот „нема никаква поврзаност со кимчи“ и оти има разлика помеѓу двете спомнати јадења.
Кинезите на социјалните мрежи, пак, сметаат оти смеат да полагаат право на јадењето, бидејќи голем дел од проценетите два милиона тони кимчи што се јадат годишно во Јужна Кореја, доаѓаат од Кина.
Обединетите нации навидум се согласуваат дека јадењето кимчи е јужнокорејско, откако УНЕСКО го додаде „кимџанг“, процесот на правење на кимчи, на листата на културно наследство во 2013 година.
Борбата за пазарот на храна го воведе терминот гастронационализам, кој се однесува на инсистирањето на земјоделските „империи“ во ЕУ, како Франција, Шпанија и Италија (а им се придружува и Грција) на воведување етикети со задолжително потекло на производите. Се чини и дека гастронационализмот е дополнително засилен од корона-кризата. Неодамна „Политико“ пишуваше дека дел од европските влади ја користат пандемијата за да пропагираат заштитничка агенда во која која јадењето на домашни производи се изедначува со патриотизмот. Многумина предупредија оти ваквиот вид на кулинарски шовинизам претставува закана за единствениот пазар на ЕУ.