На денешен ден пред 48 години светот го потресе веста дека младата рок ѕвезда Џенис Џоплин се предозирала со хероин и починала. Мртва во хотелската соба во Лос Анџелес ја пронашол продуцентот откако не дошла на закажаното снимање.

На годишнината од нејзината смрт се појавија нови теории за денот кога заврши нејзиниот живот, пишува Ролинг Стоун. Нејзината блиска пријателка Пеги Касерта во својата книга пишува дека се сомнева дека пејачката умрела од предозирање. Сликата на мртвата Џенис ја измачува веќе 48 години, вели, а она што го видела ја натерало да се посомнева во резултатите од полициската истрага.

– Една нејзина нога висеше од креветот. Во едната рака имаше цигари, а во другата кованици. Тоа ме измачува со години. Како отишла во хотелското лоби, купила цигари и се вратила во собата ако претходно се предозирала? Јас еднаш се предозирав и не можев да одам – вели Касерта.

Пеги Касерта беше во екипата на која Џенис Џоплин и остави пари за забава по нејзиниот погреб.

Џенис Џоплин кариерата ја започна во еден локален бенд кој набрзо се распаднал, а пејачката потоа првпат се обидела да се излечи од зависноста од дрога. По враќањето од одвикнување, почна да пее во бендот Биг Брадер, каде што се прослави.

Самостојната кариера ја започна во 1968 година. Во август 1969 година настапи на легендарниот Вудсток, а многумина уште тогаш забележаа дека пејачката одвај стои на нозете.

Со бендот Фул Тилт Буги го објави албумот Прл, кој воедно беше и нејзин последен, а на кој се најдоа легендарните песни како Mercedes Benz и Me and Bobby McGee, со кои се стекна со светска слава само неколку месеци пред да почине.