Славниот актер Вилијам Шетнер (90), познат по улогата на капетанот Џејмс Кирк во научнофантастичната телевизиска серија „Ѕвездени патеки“, во разговор за „Њузвик“ зборуваше за искуството од неговото патување до работ на вселената со леталото „Њу Шепард“ на компанијата „Блу ориџин“, чиј сопственик е милијардерот Џеф Безос.
Шетнер беше дел од четиричлената посада на вселенскиот лет во октомври, станувајќи највозрасната личност што патувала до ниската орбита на Земјата.
– Кога погледнав во црнилото во вселената, не ги забележав величественоста и мистеријата на вселената. Тоа беше потполно застрашувачко црнило. Гледав во смртта – кажа Шетнер за „Њузвик“.
Тој опиша како ја видел Земјата од вселената.
– Го видов обликот на Земјата. Можев да го видам почетокот и крајот на Земјата. Нејзините деликатни бои. Можев да ги забележам белите и сини облаци и колку таа е мала – вели Шетнер.
Искуството на актерот од вселенското патување ќе биде прикажано во документарен филм што ќе биде достапен на стриминг-сервисот „Амазон прајм“.