Само во Велика Британија околу 80 отсто од луѓето одбираат наместо да бидат закопани, да бидат кремирани по нивната смрт. Оваа опција навистина штеди простор, но ослободува околу 250 килограми јаглерод диоксид во атмосферата, што на годишно ниво изнесува 25 тони јаглероден диоксид од кремирање само во Велика Британија.

Сѐ повеќе луѓе се грижат и се обидуваат да водат живот во кој не предизвикуваат загадување на животната средина. Но, интересен тренд, кој сѐ повеќе зема замав и станува сѐ поприфатлив, е таканаречената „алтернативна зелена смрт“. Поради побарувачката, како и потребите и желбите на луѓето, голем дел од научниците, компаниите и иноваторите работат на алтернативни начини на погребување на починатите.

Храна за растенијата

Популаризиран од поранешната ѕвезда на „Беверли Хилс“, Лук Пери, костимот со печурки го прави вашето тело добар подарок за природата по смртта. Погребниот костим е изработен од органски памук во кој се наоѓаат спори од печурки, кои по смртта се хранат од телото на починатиот. Габите брзо ги разградуваат органските материи и ги отстрануваат токсините од околината, а за возврат даваат хранливи материи на почвата и растенијата. Ваквиот погреб чини 1.370 евра, а е достапен од 2016 година.

Претворање во корален гребен

Вештачките морски гребени направени од бетон за првпат станаа опција кон крајот на осумдесетите години на минатиот век, благодарение на нуркачи со бројни идеи за зачувување на коралните гребени. Така, дошле до идејата да создадат „меморијален бисер“, во кој кремираните останки се помешани со бетон чиј површински слој е биоразградлив. На тој начин, покојниот станува дел од вештачките гребени, кои потоа ќе станат живеалишта на морскиот живот на дното на морињата. Таканаречениот „Вечен гребен“ станува дел од морскиот свет.

Коралните гребени постојано се уништуваат од страна на луѓето. „Вечните гребени“ помагаат да се врати балансот на дното на морињата. Површината на „меморијалниот бисер“ е дизајнирана да го поттикне растот на животинскиот свет, што значи дека вештачкиот морски гребен станува постојан дел од океанскиот пејзаж. 

Блиските на починатиот, исто така, можат да го украсат таканаречениот „меморијален бисер“ со плакета, додека бетонот не е сѐ уште исушен.

Едноставно, станете земја

Сојузната американска држава Вашингтон стана прва во САД во која е дозволено компостирање на човечки остатоци. Наместо во ковчег, покојните се сместени во земја, опкружени со слама, парчиња од дрва и останато зеленило. Овој процес, исто така, има 80 отсто помалку ослободување на јаглерод диоксид. Благодарение на овој начин на погребување, телото се претвора во хранливи материи за само еден месец. Дури постои опција земјата од покојниот да му биде вратена на семејството.  

Станете дрво

Италијанските дизајнери Раул Брезел и Ана Чители ја создадоа „Капсулата Мунди“, што во превод значи „капсула на светот“, во која телото на починатиот е затворено во положба на фетус, а потоа служи како храна за дрвото чие семе се наоѓа на врвот од капсулата. Откако ќе се најде во земјата, биоразградливата обвивка на капсулата се разградува, а останатиот дел од капсулата, заедно со телото, служи како хранлива материја потребна на семето на дрвото.

Најчесто, блиските на починатиот го сметаат дрвото како спомен-обележје за починатиот, наместо да поставуваат меморијална плоча. Дрвото, исто така, произведува кислород и го прочистува воздухот. Дизајнерите велат дека во капсулата, наместо починатиот, може да биде ставена и пепелта на оние што избираат кремирање. Дизајнерите на капсулата се надеваат дека еден ден наместо гробни плочи, гробиштата ќе се состојат од голем број „меморијални дрвја“.