Бриџер Вокер заедно со неговата сестра

Авторки: Минивон Бурк и Керолин Раднофски

Ен-би-си

Шестгодишниот Бриџер Вокер беше прогласен за херој откако ја спаси четиригодишната сестра од напад на куче. Момчето и неговата сестра биле во куќата на нивни пријатели во Вајоминг на почетокот од овој месец, кога едногодишниот мешанец од германски овчар ги нападнал додека си играле во дворот. Без размислување, Бриџер веднаш ја заштитил сестра си и бил каснат од кучето на лицето, како што истакнаа неговите родители.

По нападот, тој бил подлежен на двочасовна операција во која биле потребни над 90 конци, како што се вели во изјавата на неговите родители Роберт и Тејла Вокер. Бриџер во моментов закрепнува во неговиот дом.

Откако неговата приказна осамна на Интернет, многумина, меѓу кои и познатите актери Ен Хатавеј и Крис Еванс, ја пофалија неговата храброст. Родителите на децата Роберт и Тејла изјавија дека страшниот настан се случил на 9 јули додека Бриџер и неговата сестра си играле во куќата на нивни пријатели. Децата си играле во дворот, а нивниот пријател посочил две кучиња од кои едното било „лошо“.

– Бриџер објаснуваше како во тој момент кон нив истрчало лошото куче. Според неговите зборови, тој застанал пред сестра му за кучето да не може да ја нападне и притоа се борел со него за да не може да помине – изјавија родителите на Бриџер.

Кучето истрчало кон децата и го гризнало Бриџер за образот, како што наведоа Роберт и Тејла.

– Бриџер кажа дека кога кучето го каснало, веднаш ѝ викнал на сестра му да бега. Откако кучето го пуштило, тој заедно со сестра му избегале во побезбеден дел на дворот каде што мислеле дека нема да ги најде – велат родителите.

Кога родителите го прашале Бриџер за неговата реакција, тој им кажал „ако некој требало да умре, помислив дека тоа треба да бидам јас“.

Бриџер закрепнува по нападот

Сопственикот на кучето успеал да го фати германскиот овчар и побарал помош. Тој сакал да го успие песот, како што наведуваат Роберт и Тејла, но Бриџер, кој и самиот чува две кучиња, не сакал таква судбина за него.

Крис Еванс, актерот кој го глумеше „Капетан Америка“ во истоимениот филм, беше еден од многуте славни личности кои беа фасцинирани од храброста на Бриџер. Во видео-снимка објавена на Инстаграм од страна на тетката на Бриџер, Никол Вокер, може да се види како момчето е облечено во костим на стрип-херојот Капетан Америка и ја гледа видео-снимката на Еванс како го фали за неговата храброст. Еванс му порача на Бриџер дека ќе му го испрати автентичниот штит на Капетан Америка и му посака брзо закрепнување. Том Холанд кој го глуми стрип-јунакот Спајдермен разговараше со Бриџер и го покани на снимањето на „Спајдермен 3“. Други познати личности исто така упатија силни пофалби.

Превод: Билјана Здравковска