Лани имавме бандани што брзо се продадоа, што дава до знаење дека нашата публика, покрај заштита, сака и естетика и визуелен впечаток, рече директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими
„Кој на друг ќеса му дава, сам во ќеса ќе падне!“, „Не треси ќесиња“, гласат дел од екопораките испишани на новите платнени торби што од неодамна може да се купат во продавницата на Музејот на современата уметност. Торбите со десет различни духовити екопораки за брзо време го привлекле интересот за купување на посетителите, што е уште една потврда дека ваквите продавници се важен сегмент од функционирањето на музеите и галериите и во ова време на криза поради ковид-19. Во дел од нив во земјава посетителите и сега купуваат од понуденото, но некои од музеите укажуваат и дека имаат тешкотии со нивното функционирање.
– Наша амбиција е продавницата да биде примамлива за посетителите, како и изложбите со кои музејот се претставува пред јавноста. Покрај постојната литература со која располагаме, во периодов понудата постепено ја збогатуваме и со други продукти. Од неодамна, Музејот на современата уметност – Скопје и колективот „ОПА – Опсесивно посесивна агресија“ тргнаа во заедничка акција, избор на памучни торби со моќна екопорака е достапeн за посетителите во музејската продавница во лимитиран број. Музејот и ОПА имаат цел да ја подигнат екосвеста кај своите сограѓани. Секој посетител на музејот што по симболична цена ќе купи една ваква торба се придружува кон борбата против користењето пластика за еднократна употреба. Проектот „Се грижам затоа што се грижиш“ претставува повик за заедничка акција. Повик едно дело да излезе од просториите на музејот и да го продолжи својот живот надвор. Веќе склучивме договори и со исклучителни македонски издавачки куќи, кои издаваат стручна уметничка литература и чии производи ќе се продаваат тука – рече директорката на Музејот на современата уметност (МСУ), Мира Гаќина.
Таа укажа и дека МСУ направил избор од македонски дизајнери што креираат уникатни парчиња облека, кои не само што се автентични по својот дизајн туку на негова покана изразиле желба да креираат парчиња инспирирани токму од МСУ, од самиот објект, од неговата силна симболика. На поканата позитивно реагирале и дизајнери на уникатен накит, кои во овој период создаваат и накит инспириран од МСУ. Продавницата многу скоро треба да добие и сосема поинакви витрини, со кои ќе се надгради идентитетот на МСУ.
– Во текот на минатата, но и оваа година, одделението за маркетинг при Музејот на Македонија има изработено пет нови производи од теракота, кои тематски се поврзани со етнологијата на Република Македонија и произлегуваат од збирката за керамика од неговиот етнолошки сектор. Овие теракоти комерцијални копии се изработени во ателјето на Музејот од професионални вајари.Тие ја претставуваат македонската етнокултура и се за различна употреба. Станува збор за теракоти што се извадоци од обредни обичаи, за различни видови садови за канење, бокали и матарки, но поради ситуацијата со ковид-19, сѐ уште не се презентирани во јавноста. Инаку, поради пандемијата на коронавирусот, и нашиот музеј се соочува со тешкотии во работата и функционирањето на продавницата во Музејот и со работењето на продавниците низ градот со многу намален капацитет и под одредени услови – изјави Благоја Тасевски од одделението за маркетинг на Музејот на Македонија.
Тој напомена дека овој музеј размислува во насока на обезбедување на онлајн продажба и веќе со надворешни соработници работи на онлајн страница, која ќе им биде достапна на сите негови љубители и на комерцијалните копии што се изработуваат таму.
– Во време на ковид-19, присутните разновидни забрани, заклучувања и протоколи се рефлектираа и врз посетата на музеите, галериите, но исто така и врз продажбата на комерцијалните копии, сувенири и публикации. Кај последната ставка, тоа директно се чувствува во приливот на материјалните средства. Иако Народниот музеј – Гевгелија со своите две подружници во Дојран и на граничниот премин Богородица не може да се пофали со значителен прилив на средства и пред пандемијата, падот на приходите моментално е повеќе од забележителен – смета Бобан Хусеновски, директорот на гевгелискиот Народен музеј.
Со планираната систематска имунизација на населението, од овој музеј се надеваат на целосно отворање на институциите на културата за посетителите, а и на реализација на нивните желби дел од историјата на Гевгелија во облик на сувенир да си понесат дома.
Музејската продавница на Археолошкиот музеј на Република Македонија е снабдена со реплики од многубројни артефакти, накит и сувенири од изложбите „100 години Требениште“ и „Статусни симболи кај пајонските заедници“, а наскоро планира да го зголеми изборот на артикли.
Во неа се достапни за продажба и монографијата „100 години Требениште“, каталогот „Статусни симболи на пајонските заедници“ и неодамна публикуваната студија „Епископијата на Брегалница и Моробисдон од VII до XIV век“ од Кирил Трајковски – рече директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, потсетувајќи дека продавницата може да се посети и на музејската веб-страница, но и дека во блиска иднина не изостанува можноста за воведување онлајн нарачки.
Директорката, пак, на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, деновиве изјави дека во овој период, во своите три објекти, Галеријата им нуди на посетителите богата понуда од каталози и монографии од сопствена продукција, додека во специјализираната продавница во Даутпашиниот амам има и беџови, магнети, разгледници, шолји, ленени торби и постери со мотиви од дела од голем број македонски автори.
– Во текот на изминатата година во два наврати имавме понуда од бандани, кои експресно брзо се продадоа, што дава до знаење дека нашата публика во овој период на ковид-19, покрај заштита, сака и естетика и визуелен впечаток. Набргу ќе имаме нов тираж, а се надеваме и некои други продукти – рече Старова Ќерими.