Априлскиот број на италијанскиот магазин „Вог“, кој излезе на 10 април, е отпечатен со корица многу поразлична од вообичаената. Имено, првата страница на популарното светско списание, поради пандемијата на коронавирусот, е целосно бела.
Италија е една од најпогодените европски држави од опасниот вирус ковид-19 и една од првите што наложи целосен карантин за жителите. Италијанците веќе немаат право да излегуваат од своите домови без важна причина, а сите трговски објекти, со исклучок на аптеките, маркетите и дрогериите се затворени. Социјалната изолација трае веќе два месеца и властите се надеваат дека наскоро сето тоа ќе даде резултати и оти бројот на заразени и починати драстично ќе се намали.
Новиот „Вог“ токму поради овие причини, во знак на солидарност со Италијанците, излезе со бела насловна страница. Главниот уредник на италијанското издание, Емануеле Фернети, на социјалната мрежа Инстаграм сподели дека идејата за насловната за април била сосема поинаква, но вирусот ги сменил плановите.