„Приказната на робинката“
Новата сезона на дистописката серија „Приказната на робинката“, за свет во кој жените се слугинки на режимот, пристигна на малите екрани, на општо задоволство на обожавателите на првите три сезони и истоимената книга на Маргарет Атвуд, но исто така и глобален симбол на движењето за отпор на жените.
Ако постоеше колективен женски кошмар, тоа ќе беше дистописката приказна за робинката во специфична црвена униформа со бела капа, која ја следиме од 2017 година, во мрачната и вознемирувачка серија „Приказната на робинката“, низ сега веќе четири сезони. Кога беше премиерно прикажана, серијата на Хулу брзо доби култен статус, станувајќи многу повеќе од само телевизиски проект. За неа почна да се зборува како симбол на потчинетоста на жените во глобалното општество, а во моментот кога се појави, цветаше отпорот на жените преку движењето „И јас исто така“ (#mеtoo).
Серијата е адаптација на истоимениот роман на Маргарет Атвуд од 1985 година, а се чини дека никогаш не било подобро време за дистописки приказни за обидот да се достигне слобода во строго контролираниот свет на алгоритми и агресивна политика, кој ги користи принципите на технократија. Затоа е важно да се запознаете со радикалниот конзервативизам на „Приказната на робинката“.
Серијата следи жена што е принудена да живее како робинка на фундаменталистичката теократска диктатура во недефинирана иднина. Дејството се одвива во тоталитарниот Гилеад, држава што некогаш сме ја познавале како САД. Правата на жените таму не постојат.
Драстичниот пад на наталитетот доведува до изопачен фундаменталистички режим, кој ги третира жените како државна сопственост. Христијанско-теократската влада ги конфискува матките на сите оние плодни жени што, според законите на Библијата, имаат морална дамка (прељуба, абортус, хомосексуалност…).
Како една од ретките жени со можност за зачнување, на Џун или Офред (Елизабет Мос) ѝ припаѓа функцијата на робинка принудена да живее во сексуално ропство. Ова ропство има помалку врска со задоволството на мажот, а повеќе со очајната потреба светот, кој се приближува кон крајот, да се пренасели со деца. Во ова ужасно општество, Офред мора да се справува со командантите, нивните сурови сопруги и другите робинки, каде што секој може да биде шпион.
Во геометријата на тоталитаризмот, Офред постојано е под надзор и мора да ги следи правилата, во спротивно таа ќе биде брутално казнета. Ја водат спомените од животот пред владеењето на теророт и киднапирањето, кога имала работа, сопруг и ќерка, која ѝ била одземена и доделена на друго семејство. Офред сонува за слобода, а темнината во која живее е всушност доминантен мотив на сите промотивни активности на серијата, во која преовладува крвавоцрвената боја на фустани, кои потсетуваат на облека на некакви дистописки калуѓерки. Актерката Елизабет Мос, со својот изглед, претставува „обична“ жена, не премногу провокативна по изглед, за да може секоја жена што се задушува во системот на денешниот терор на убавината и младоста, соодветно да се идентификува со неа.
Хулу и Ејч-би-о ја објавија четврта сезона на своите стриминг-платформи кон крајот на април. Креатор на серијата е Брус Милер, а покрај Елизабет Мос, која ја гледаме во главната улога, во серијата настапуваат и: Џозеф Фајнс, Ивон Страховски, Самира Вајли, Алексис Бледел, Макс Мингела, Медлин Бруер…
Третата сезона заврши така што Џун доби рана од огнено оружје. Но револуцијата на робинката продолжува и во новата сезона може да очекуваме да видиме како слободата е екстремно скапа и претставува мачно патување.
Општество во кое жените се робови на системот денес се отфрла со одвратност. Меѓутоа, заробеништвото во илузијата на правото на работа и слободното мислење на денешните жени се крие под макотрпното жонглирање помеѓу домаќинството, воспитувањето деца и деловните обврски. Денешните жени живеат во свет каде што мажите сепак се платени повеќе, фигурирајќи на политички функции, повеќе за да ја задоволат родовата разновидност отколку што се реални напори на машката политичка волја. Актуелните приказни за институционализирана злоупотреба дадоа увид во низа измачувачки правила што лежат во основата на искачување по хиерархиски скали, особено во светот на шоу-бизнисот. Затоа „Приказната на робинката“ станува сѐ поинтересна.
Од друга страна, на жените што во католичкиот свет се одлучуваат да ги отфрлат светските обрасци на однесување и сакаат да му служат исклучиво на Бога, им се даваат слични наметки и забрана за љубов и потомство, низ чистењето и служењето на свештенството. Поради сомнителното толкување на религиите, денес на различните меридијани постои специфичен однос за тоа како треба да изгледа улогата на жените во општеството. „Приказната на робинката“ е поразителна критика на католицизмот, но во неа се дадени слоевити пораки, кои не се однесуваат само на западниот начин на живот. Меѓутоа, ропството денес има многу малку врска со религијата или бојата на кожата, тоа еволуира во економско и технократско. Пред нас е свет што, се чини, ќе мора да се спасува со репресивни методи (затворањa, дистанца, контрола на раѓањето итн.).