Наја Ривера, Кели Престон и Ник Кордеро (од лево кон десно)/Илустрација: Си-ен-ен

Колумна: Лиса Респерс Франс

Си-ен-ен

Тагата за смртта на славна личност претставува чудно чувство. Од една страна, познатите личности не се луѓе што ги познаваме, но од друга страна, тие секојдневно се присутни во нашите животи преку уметноста која најдобро ни овозможува да се пронајдеме во нивните песни или ликови на екраните и да создадеме чувство на поврзаност. Затоа нивната загуба може да нè погоди, а тагата, без оглед од каде потекнува, може посилно да ја чувствуваме овој период.

Таков е случајот со смртта на актерките Наја Ривера и Кели Престон. Двете жени беа познати во различни сегменти од популарната култура, но тагата за нивната загуба ја почувствуваа многумина. Ривера, која беше главна ѕвезда во телевизиската серија „Хор“ се удави на 33-годишна возраст во кобното возење со брод во езерото Пиру во округот Вентура, Калифорнија, а зад себе го остави нејзиниот син. Веста за нејзината смрт се рашири шест дена по нејзиното исчезнување. Пријателите, семејството и обожавателите се молеа со надеж дека Ривера ќе биде пронајдена. Огромна тага предизвикаа фотографиите на оние кои ја познаваа и сакаа најмногу, вклучувајќи дел од нејзината актерска екипа од „Хор“, како се држат за раце крај езерото на денот кога беше пронајдено нејзиното безживотно тело.

Можеби најмачни беа деновите додека траеше потрагата, или тоа што беше третата ѕвезда на телевизиската серија што трагично почина, или тоа што беше самохрана мајка чија смрт беше особено потресна. Не престанав да размислувам за синот на Ривера за која властите сметаат дека „собрала доволно сили“ да го врати на бродот иако не успала да се спаси себеси.

Кели Престон исто така беше мајка која зад себе ги остави дваесетгодишната ќерка Ела и деветгодишниот син Бенџамин кога минатата недела почина откако тајно две години се борела со рак на дојка. Имаше 57 години. Нејзиниот сопруг Џон Траволта се фокусираше на нивните деца во неговото соопштение во кое тагуваше за неговата загуба. На неговиот официјален профил на Инстаграм тој наведе дека „ќе им се посвети на децата кои ја загубија нивната мајка, извинувајќи се што нема да биде достапен за јавноста. Исто така истакна дека сочувствува со љубовта што ќе му биде пружена од сите луѓе во наредните недели и месеци додека закрепнуваат од трагичниот настан“.

Иако Престон поретко се појавуваше во проекти во изминатите години, таа стана омилена актерка поради улогите во „Џери Мегваер“, „Близнаци“ и други филмови. Таа и Траволта имаа едни од најстабилните љубовни приказни во Холивуд. Неговото обраќање на Инстаграм во чест на починатата сопруга потсети на Аманда Клутс која го користеше истиот социјален медиум за да ја сподели долгата битка со ковид-19 на нејзиниот сопруг, актерот Ник Кордеро, кој почина на почетокот од овој месец како последица на компликации од вирусот. Минатата недела Клутс исто така повторно се огласи на платформата за да сподели со нејзините следбеници за поменот што требаше да се одржи како испраќање за Кордеро.

Во време кога многу од нас се соочуваат со лична загуба, смртта на Кордеро, Ривера и на Престон можеби ни е потсетник дека сепак тагуваме сите заедно.

Превод: Билјана Здравковска