Здравиот начин на исхрана е финансиски достапен за секого, зашто се приспособува на сезоната, а потребниот износ на месечно ниво, според моменталните цени на прехранбените продукти, би бил околу 7.000 денари
Исхраната, внесувањето на здрави намирници во организмот за да се зачува здравјето на семејството во ова пандемиско време, стана многу поважна од само обична идеја што да се зготви или што да се јаде за појадок, ручек или вечера. Во сето ова, секако, треба да се вкалкулира и домашниот буџет, кој, за жал, кај некои од семејствата чии членови изгубија работа доста се истенчи.
На прашањето упатено до лекарите и нутриционистите дали имаме навика да се храниме здраво или сѐ е до парите, одговорот е дециден дека здрави оброци може да се приготват и со помалку пари. За време на пандемија имунитетот ќе го подобриме само со јадење свежо овошје и свеж зеленчук. Нутриционистите за овој период препорачуваат сушено и јаткасто овошје, непечено и несолено, во природна форма.
Замрзнатото овошје е феноменално и затоа малини, рибизли и капинки треба да се користат во домашно приготвените сокови. Без свежи салати да не се седнува ниту на ручек ниту на вечера. Доминацијата на свежата храна во рамките на денот треба да биде над 60 проценти, бидејќи таа има повеќе биоактивна енергија и го регулира шеќерот во крвта.
– Во принцип, дневното енергетско внесување на основните хранливи материи треба да биде во сооднос 40-60 отсто јаглехидрати, 35-35 отсто масти и 15-25 отсто белковини. Кај јаглехидратите треба да доминираат сложените шеќери, кои најмногу ги има во житарките и зеленчукот, а да се избегнуваат големо количество овошје и чистите шеќери (бел, кафен). Две третини од внесените масти треба да бидат од растително потекло (незаситени масни киселини), а остатокот од животинско потекло (путер, маст и слично) – вели д-р Сашо Делиниколов од „Нутримедико“.
Основен извор на белковини претставуваат обезмастеното црвено месо, живината, рибата, морските плодови, млекото и јајцата, а прифатливи се гравот, леќата и грашокот.
– За возрасен човек со нормален индекс на телесна маса, препорачана шема на дневна исхрана би била три главни оброци и една-две ужинки. Количински прехранбените продукти треба да бидат застапени според следново: зеленчук 590 грама (темнозелен, црвен и портокалов, скробен, мешунки и друго); овошје 450 грама, зрна околу 150 грама, од кои половината да се интегрални (леб, тестенини и слично); месо 135 грама, потоа едно-две јајца; јатки и семки 40 грама, млеко 700 милилитри и масти (масло, путер, маст и слично) 25 милилитри/грама – вели д-р Делиниколов.
Здравиот начин на исхрана е финансиски достапен за секого, зашто се приспособува на сезоната. Потребниот износ за овој начин на исхрана на месечно ниво за дадениот пример, според моменталните цени на прехранбените продукти, би бил околу 7.000 денари. Практикувањето на здравиот начин на исхрана не е поврзан со финансиите, туку со навиките, односно начинот на живот.
– Во принцип, здравата балансирана исхрана е поврзана со искористување на сезонски достапните продукти, пред сѐ на зеленчукот. Најголемиот проблем со пестицидите, не само кај нас туку и воопшто, се однесува на нивното несоодветно дозирање и прекумерна непотребна примена. За негово надминување се неопходни соодветна едукација на земјоделците и построга контрола на готовите производи – додава докторот.