Која е разликата меѓу џемот и мармаладот?
Традицијата на приготвување зимница сѐ уште се одржува на овие наши простори. Периодов речиси во секој дом, освен ајвар и лутеница, се прави и слатка зимница: се полнат шишиња со сокови, се прават џемови, компоти, најчесто по рецептите на нашите мајки и баби.
Џемот се приготвува од парчиња овошје помешани со шеќер, кои се варат во сопствениот сок. Доколку премногу долго ги варите, ќе го загубат обликот и, наместо парчиња овошје, ќе се направи каша. Поради тоа, генерално џемот се вари кратко. Исто така, при подолго варење може да дојде до карамелизирање на шеќерот, со што и бојата ќе стане потемна. Мал трик е за приготвување џем да се земе потврдо, а не презреано овошје.
Мармаладот е сличен на џемот, но се приготвува од повеќе видови овошје, ситно исечкани или сомелени пред варењето.
Желето се приготвува од овошен сок со додавање големо количество шеќер при варењето. Добро приготвеното желе е цврсто, проѕирно, мириса на овошјето од кое е направено.