Познатиот американски режисер, сценарист и продуцент Френсис Форд Копола одлучи да им се приклучи на критиките на Мартин Скорсезе на сметка на марвеловите филмови, коментирајќи дека Скорсезе бил преблаг и дека тие филмови биле вредни за презир.
Во кратката изјава за новинарите дадена во Лион, Копола ја допре темата за марвеловите филмови.
– Кога Скорсезе рече дека марвеловите филмови не се „вистински“ беше во право, бидејќи од оние вистинските можеме нешто да научиме, да добиеме, тие можат да нѐ просветат и да ни влеат знаење и инспирација – изјавил 80-годишниот режисер.
Тој додал дека не му е јасно што добиваат луѓето со гледањето вакви филмови.
– Скорсезе беше преблаг во изјавата. Овие филмови се достојни за презир, тоа е моето мислење за нив – заклучил остро Копола.