РУСИЈА ПИШУВА ИСТОРИЈА

Актерката Јулија Пересилд, режисерот Клим Шипенко и космонаутот Антон Шкаплеров вчера полетаа до Меѓународната вселенска станица, за да го снимаат првиот долгометражен филм со работен наслов „Предизвик“, објави прес-службата на „Роскосмос“.
– Резервниот екипаж го сочинуваат космонаутот на „Роскосмос“, Олег Артјомов, актерката Алена Мордовина и камерманот Алексеј Дудин – се вели во соопштението. Составот на филмскиот екипаж беше одобрен од државната комисија, со која претседава генералниот директор на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин.
„Предизвик“ ќе биде првиот филм во историјата на кинематографијата во кој професионална актерка ќе снима сцени во вселената. Со овој потег, „Роскосмос“ ги престигна Националната авијациска и вселенска администрација (НАСА) и „Спејс икс“, кои планираа да ги испратат холивудската ѕвезда Том Круз и режисерот Даг Лиман во вселената.
Руската филмска екипа во орбитата ќе лета со вселенското летало „Сојуз МС-19“. Шест астронаути ќе ја пречекаат актерската екипа во Меѓународната вселенска станица, од кои двајца Руси, двајца Американци и по еден Јапонец и Французин.
Руските космонаути ќе ѝ помогнат на филмската екипа во снимањето на филмот. Се очекува Пересиjд и Шипенко да поминат 12 дена на Меѓународната вселенска станица, а враќањето е планирано за 17 октомври во степите на Казахстан. Драмата со работен наслов „Предизвик“ е заеднички проект на „Роскосмос“, „Прв канал“ и руската продукција „Жолта, црна и бела“. Заплетот на филмот е за лекар што, поради некои околности, бил принуден да лета во орбитата за да му го спаси животот на еден астронаут.