Јован Оливер – ктитор на Лесновскиот манастир
Според византиските извори, Јован Оливер бил најмоќниот и најбогат феудалец во средновековната држава на српскиот владетел Стефан Душан. Неговиот феудален имот се наоѓал во источниот дел на Македонија, а во негова сопственост биле рудниците кај Злетово и Саса. Моќта на овој средновековен македонски феудалец може да се забележи и во тоа што тој е единствениот феудалец што ковал монети со сопственото име, и тоа во периодот кога српскиот цар Душан сѐ уште бил жив. Како феудалец во српската држава, многу брзо се издигнал во хиерархијата, а својата кариера ја завршил со титулата деспот, која му овозможувала да има поголема самостојност во односите со централната власт.
Во историската наука се водат полемики за неговото потекло, повеќето истражувачи истакнуваат дека Јован Оливер нема српско потекло, но не постои општа согласност за ова прашање. Според некои теории, потекнувал од Западна Европа, имал грчко потекло или домородно македонско потекло.
Како најбогат феудалец во Македонија и во српското царство, Јован Оливер е ктитор на неколку манастири и цркви во Македонија. Меѓу нив е и црквата „Св. Димитрија“ во Кочани, чија локација, и покрај истражувањата, останува мистерија. Јован Оливер заедно со својата фамилија е насликан како ктитор на параклисот „Св. Јован Претеча“ во храмот „Св. Софија“ во Охрид, поради што се јавува збунетост кај историчарите. Средновековна практика е да се даруваат имоти и села на цркви и манастири што се наоѓаат на територијата на феудалниот дарител, а не надвор од неа. Во случајот на Јован Оливер, неговото владение се наоѓа во источниот дел на Македонија. Јован Оливер исто така го обновил храмот посветен на св. Гаврил Лесновски и бил ктитор заедно со сопруга Ана Марија и фамилијата.
Скандинавски руни – азбука на викинзите
Скандинавски руни почнале да се употребуваат во 9 век, како резултат на фонетските промени што се случиле во Скандинавија. Промената настанала кога во текот на 7 и 8 век протонордискиот јазик еволуирал во старонордискиот јазик. Овие руни се користеле во ерата на викинзите, а нивната употреба опаднала со ширењето на христијанството и латинската азбука во скандинавските земји. Меѓутоа, рунските скрипти биле во употреба до почетокот на 16 век.
Велзевул – господар на мувите
Велзевул или Белзебуб е демон што се спомнува во јудаизмот и христијанството. Неговото име има античко потекло и означува принц на демоните. Бел (Вел) може да се преведе како принц или господар, а Зебуб (Зевул) како мува, следствено буквалниот превод на неговото име е господар на мувите. Според традицијата, се појавува во форма на мува или рој муви што носат зло. Тој се споменува во врска со седумте смртни грева, а според некои истражувачи Велзевул конкретно го поврзуваат со смртниот грев горделивост.
Сончева кочија – скулптура од бронзениот период
Сончевата кочија е откриена во 1902 година, во Данска, а денес се наоѓа во збирката на Националниот дански музеј во Копенхаген. Истражувачите веруваат дека скулптурата била изработена во периодот околу 1800 година пред нашата ера, меѓутоа точниот датум на настанувањето не е одреден. Скулптурата се состои од коњ и голем бронзен диск, притоа коњот е потпрен на четири тркала, а дискот на две тркала. Според некои истражувачи, сончевата кочија се користела како календар, односно за мерење на времето преку набљудување на планетите и ѕвездите на небото.