Тасманиски тигар

Тасманискиот тигар бил многу ретко животно и изумрел пред доселувањето на Европејците во континентална Австралија, но преживеал на островот Тасманија заедно со неколку ендемски видови. Своето име го добил поради своите шари на грбот, а понекогаш се нарекува и тасманиски волк. Тој бил последниот преживеан член на т.н. торбести волци и како торбар не бил во тесна врска со цицачите, меѓутоа исто како и волците и тигрите се наоѓал на врвот на грабливоста. Малку е познато за неговите навики и однесување, направени се неколку истражувања додека се наоѓал во заробеништво, но тие се ограничени. Тасманискиот тигар бил ноќен ловец, а денот го поминувал во шупливите стебла и во малите пештери. Во 1936 година умира последниот примерок од овој вид животно во заробеништво и денес се смета за изумрен. Негов најблизок роднина е тасманискиот ѓавол, кој сѐ уште може да се сретне во Тасманија.


Емисиска маглина

Емисиската маглина е облак од јонизиран гас, кој емитува светлина во разни бои. Најважните маглини од овој тип, видливи од северната страна на небесната сфера, се Превез и т.н. Северна Америка во соѕвездието Лебед, додека, пак, на јужната небесна сфера се маглините Лагуна во Стрелец и Орион. Најголемиот дел од нив се состојат од водород, хелиум, азот, кислород и други елементи.


Лактапата – високиот град

Во 1912 година истражувачот Хирам Бингам открил археолошко наоѓалиште на врв на срт помеѓу двете долини Аовамба и Салкантај во Перу. Локалитетот го добива своето име според кечуанските два збора лакта (град) и пата (висина). Лактапата била уништена од Инките по нивното повлекување од Куско во 1536 година во текот на шпанското освојување, поради што Шпанците никогаш не ја откриле патеката што водела од Мачу Пикчу.


Убир

Во северниот дел на Австралија е лоциран карпестиот терен Убир, познат по својата карпеста уметност – неколку карпести слики изработени од домородните Абориџини, од кои некои се стари и илјадници години. Постојат три главни уметнички галерии од кои главната галерија е најпозната поради сликите на бели мажи со раце на колковите, кои во абориџинската митологија се познати како мими-духови. Останува мистерија како древните уметници ги насликале поради непристапноста на теренот, а според локалната традиција сликите биле изработени од самите мими-духови, кои ја спуштиле карпата на нивото на почвата. Во Убир исто така може да се сретнат карпести цртежи на повеќе видови риби, опосум, желки, птици и др. Според истражувачите, карпестата уметност во Убир е континуирано сликана во текот на 40.000 години, меѓутоа најголемиот дел од сликите се создадени пред 2.000 години, а некои од нив се прецртувани до модерните времиња.


Чоколадни Ридови

На филипинскиот остров Бохол се наоѓаат Чоколадните Ридови, кои оставаат впечаток како да се човекова творба, а не дело на природата. Околу стотина конусни варовнички ридови стојат еден зад друг, покриени со трева, која во текот на топлиот период изгорува од сонцето и добива боја на чоколадо. Истражувачите веруваат дека ридовите настанале како последица на влијанието на дождовите во текот на милион години, а овие варовнички ридови се необични бидејќи не постојат подземни водни системи, кои се карактеристични за варовничките области. Според локалниот фолклор, ридовите настанале како резултата на борбата помеѓу двата џина, кои со денови фрлале камења еден на друг.