Научниците во мозокот на млади починати лица откриле честички на загаден воздух за кои велат дека може да ги оштетат мозочните клетки на сличен начин како што тоа го прават Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест. Новата студија ги анализирала мозочните состојби на 186 починати млади лица од Мексико Сити, вклучувајќи и деца. Траги од контаминација биле пронајдени во мозокот на секое лице што било дел од истражувањето, пренесува „Раша тудеј“.
Овие контаминирани честички биле лоцирани во област на мозокот позната како супстанција нигра, што инаку е клучно за развојот на Паркинсонова болест. Истражувачкиот тим верува дека овие честички можеле да навлезат во човечкиот систем преку носот или цревата. Меѓутоа, многу помалку штетни честички биле пронајдени кај лицата што живееле во помалку загадените области на Мексико Сити, кое инаку е познато по високото загадување на воздухот и сѐ поопасната еколошка ситуација.
Барбара Метер, една од авторите на истражувањето, професорка на Универзитетот во Ланкастер, вели дека оваа анализа покажува дека постои директна врска помеѓу невродегенеративните болести и загадувањето.
– Засега не можеме да ја докажеме причината, но не можеме да очекуваме дека тие штетни честички ќе седат безопасно во критичните мозочни клетки – истакнува Метер.
Доколку се потврди врската помеѓу загадувањето и Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, тоа може да стане главна грижа за човештвото, со оглед на тоа што околу 90 проценти од луѓето на Земјата живеат во области каде што нивото на загадување на воздухот ги надминува границите на Светската здравствена организација (СЗО). Во извештајот на СЗО за 2016 година се вели дека приближно три милиони смртни случаи се поврзани со ефектите од загадувањето на воздухот секоја година.