Домување

Првите нешта што ни паѓаат на ум во врска со пристигнувањето на есента се кратките денови, намалената дневна светлина, дождот и студеното време, кои и не се баш привлечни. Но на некои луѓе враќањето дома за време на есенските дождливи денови им причинува вистинска радост, бидејќи ги очекува топол дом каде што ќе можат да се стоплат, да уживаат во есенските бои и мириси.
За да постигнете шик-ефекти и да ја подобрите атмосферата во тмурните есенски денови, користете интензивни бои при уредувањето на просторот, на пример темноцрвена, боја на авокадо, златна боја, бакарна и портокалова боја.
За да доловите удобна атмосфера, доволно е да користите земјени тонови што му даваат топлина на амбиентот и лесно се вклопуваат во мебелот. За да постигнете баланс во смелата есенска палета на бои, столовите и масата може да бидат во неутрални тонови.
Комбинацијата од неутрални и живописни тонови придонесува за доловување на топлината на есента. Овој сплет од бои е присутен и во природата. Користете го истиот принцип и во вашиот дом – мебелот нека биде во неутрални нијанси, а декоративните елементи нека бидат во посмели бои.
За да постигнете контраст, комбинирајте црвено-портокалови нијанси, кои се типично топли бои на есенскиот амбиент, со ладна виолетова боја за создавање пријатна атмосфера во вашиот дом.