Изразот „дигитален номад“ звучи чудно. Но познато е дека овие луѓе можат да си дозволат да живеат патувајќи низ светот и да работат од различни дестинации, затоа што работата не им зависи од местото на живеење.
– Дигитални номади се дигитални професионалци што благодарение на технологијата и природата на својата работа не мора физички да бидат присутни на една локација за да одговорат на своите работни ангажмани. Се нарекуваат номади затоа што често го менуваат местото на живеење и работење, а технологијата, интернетот, како и работните договори им дозволуваат да работат на далечина. Без разлика дали се надлежни на некоја компанија, сопственици, работници – вели Тијана Стефановиќ од иницијативата „Дигитална Србија“.
Нејзината иницијатива неодамна лансира платформа „Скенер на дигитални номади“, која нуди листа од дигитални професионалци од странство што одлучиле одредено време да живеат и да работат во Белград. Се надеваат дека во иднина Белград ќе стане престолнина за ваков тип номади.
Дигитални номади веќе подолго време не се само програмери и ај-ти експерти. Овој начин на живот не е резервиран само за хонорарци туку и за одредени компании, особено откако владее корона-пандемијата. Тука се и оние што се занимаваат со дигитален маркетинг, електроника, продажба, пишување, графички дизајн, новинарство, преведувачи, автори на рекламен материјал, извршни директори, менаџери на социјални мрежи, онлајн комерцијалисти и други професии. Исто така професорите по странски јазици, музика, готвење, фотографија, вежбање и многу други области се успешни во држење онлајн часови. И психијатрите докажаа дека се добри во работење на својата професија на дистанца.
Виртуелни асистенти е нова и популарна професија, а подразбира најразлични обврски како администрација, одговарање на мејлови наместо клиентите, организирање активности, подобрување на работата на разни начини. Битни се само добра организација и добро познавање на клиентот.