Докторот Вилијам Робертс од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Минесота наведува дека боксерите долго време го користат јажето за да создадат сила и рамнотежа и за време на кардиоваскуларните вежби.
– Кога ќе размислите за тоа, боксерите често се на прсти во борбите, тие се движат како на некој начин да скокаат на јаже. Сето тоа влијае на истите мускули – вели тој.
Во моментов, познати личности како Хали Бери и Џенифер Гарнер и голем број sвезди на социјалните мрежи почнуваат да прескокнуваат јаже. Одговара на сите нивоа на фитнес, што ја прави одлична опција за секој што сака да проба нешто ново или да го подобри постојниот режим на вежбање. Меѓутоа, треба да бидете претпазливи ако имате ортопедски проблеми со стапалата, зглобовите, колената или грбот. Ако во последните три месеци главно седите или лежите, би било паметно прво да започнете со кардиовежби за да бидете подобро подготвени. Прескокнувањето јаже може да изгледа лесно, но воопшто не е. Ништо што е добро не е лесно, а воведувањето на јажето може да ја подобри вашата рутина за вежбање.
Го подобрува здравјето на коските
Прескокнувајќи го јажето, ставате тежина на скелетот и од таа причина помага да се подобри здравјето на коските.
– Ние сакаме да ја промовираме оваа активност, особено кај девојчињата во пубертет, со цел да ја достигнеме врвната коскена густина, бидејќи е многу потешко да се зголеми по 20-та година од животот – вели тој.
Од друга страна, тоа исто така може да помогне во подобрување на здравјето на коските кај жените во менопауза, бидејќи тие се најмногу погодени од остеопороза.
Може да помогне да се спречат повреди
Колку е посилна коската, толку е потешко да се скрши. На пример, луѓето што страдаат од остеопороза можат лесно да ги скршат коските ако паднат или дури може да се повредат за време на секојдневните активности. Колку повеќе вежби, како прескокнувањето јаже, правите во животот, толку е помала веројатноста да развиете остеопороза или да се повредите при помали незгоди.
Добро дејствува на кардиореспираторниот систем
Реакцијата на отчукувањата на срцето при прескокнување јаже може да биде многу поголема од другите форми на кардиовежби, како што се одење, трчање или возење велосипед. Тоа помага да се спречат зголемување на телесната тежина, висок крвен притисок, дијабетес, одредени видови рак и многу други клинички состојби.
Ги подобрува координацијата и рамнотежата
Потребна е координација помеѓу рацете, нозете и очите за успешно прескокнување на јажето. Потребни се фокус и свесност за телото. Исто така, се подобрува рамнотежата, што е една од причините зошто боксерите сакаат да тренираат со јаже – вели д-р Робертс.
Ќе ви помогне да го пронајдете вашиот ритам
Времето е основна компонента на прескокнување јаже. Вашата брзина и ритам наскоро ќе се подобрат, особено кога ќе започнете да изведувате „трикови“: високи колена, „вкрстување“ и слично. Ако триковите не се ваша работа, обидете се да менувате брзини за да се навикнете на различно темпо.
Ги гради мускулите
на листовите
Тоа помага да се подобри еластичноста на тетивите и фасцијата (т.е. сврзувачко ткиво) што ги опкружуваат мускулите на листот, што може дополнително да ги зајакне.
Согорува калории
Стапката на согорување калории при прескокнување јаже е помеѓу 667 и 990 калории на час. Некои истражувања покажуваат дека согорува калории уште подобро во споредба со трчањето.
Ги зајакнува рамената
Учесниците во студијата објавена во списанието „Хјуман кинетик џрнал“ поминале 12 недели редовно тренирајќи со јаже за скокање, а на крајот зглобовите на рамената им биле посилни и поподвижни.
Лесно е да се напредува
Откако ќе ги совладате основите, можете да започнете да користите пондерирано јаже, кое е потешко. На тој начин, горниот дел од телото ќе го зајакнете уште повеќе, а ќе потрошите и многу поголем број калории.
Опремата е достапна и пренослива
Предноста е во тоа што јажето можете да го прескокнувате речиси каде било. Тоа е лесно и може да се смести во секоја торба. Сè додека имате разумна висина на таванот или доволно простор за да помине јажето преку вашата глава, вежбата може да се направи и во мошне мала, затворена просторија.