Британскиот автор Дени Бојл потврди дека работи на сценариото за новиот филм за Џејмс Бонд, заедно со својот долгогодишен соработник Џон Хоџ, а исто така потврди дека и ќе го режира.
Долго време се шпекулираше дека токму британскиот филмаџија е најголемиот фаворит да го режира 25-от филм од славната акциско-шпионска франшиза.
– Моментално работиме на сценариото, ќе видиме што ќе се случи понатаму. Имаме одлична идеја и се надеваме дека ќе ни успее. Повеќе детали не можам да откријам – изјави Бојл.
Бојл и Џон Хоџ заедно работеа на „Мало убиство меѓу пријателите“, „Сосема необичен живот“, „Транс“ и двата „Треинспотинг“, како и на „Плажа“ со Леонардо ди Каприо.
„Милионерот од гетото“ е најуспешниот филм на Бојл, со осум „оскари“.
– Се надеваме дека ќе почнеме со снимањето за шест-седум недели, за филмот да биде готов до крајот на годината – изјави Бојл.
Претходните два филма од шпионската франшиза ги режира Сем Мендес. Во главната улога повторно ќе биде Даниел Крег, кој изјави дека ова ќе му биде последен филм во кој го игра Џејмс Бонд. Премиерата се очекува до крајот на 2019 година.