Изложбата „Портретот на градот“, дипломски труд на младиот Денис Јагџи, ќе биде отворена вечерва, со почеток во 20 часот, во националната галерија „Мала станица“. На фотографиите како модели се јаaвуваат и неколку уметници, како и амбасадорот на Холандија.
– Архитектурата на градот Скопје поминувала низ многу периоди на својот развој. Поради сите овие промени што ги претрпувал, ги претрпува и ќе ги претрпува градот, и тоа не само директнo со градење или со рушење објекти туку и со мали промени и можеби додавање други елементи во просторот околу самите објекти што ја менуваат нашата перцепција кон нив. Се запрашав од кој период е вистинското лице на градот, кој објект го претставува Скопје – вели Јагџи за својата тема.
Големиот број направени фотографии не му го понудиле одговорот на тоа прашање, па затоа тој одлучил да спроведе истражување и да разговара со луѓе од областа на уметноста, како уметници така и љубители на уметноста, кои не остануваат рамнодушни на убавината на урбаната скопска архитектура. Единствен услов при ова истражување било испитаниците барем еден период од својот живот да живееле во Скопје.
– Разговарав вкупно со девет лица и им поставив две на изглед кратки прашања. Во првото да се претстават себеси, а во второто да го претстават градот со еден објект. По ова мало истражување на градот можеби за повеќето испитаници, симболот на градот е од периодот на брутализмот и градбите од натур-бетон, но за мене ниту еден објект не е симбол без нив самите. Тоа го сфатив откако и нив ги фотографирав пред објектот. Од моментот кога го здогледаа објектот, му се восхитуваа. Некои од нив најдоа вистински зборови, некои пробаа и со рацете да ги објаснат своите чувства, а на некои тоа едноставно им се гледаше во очите – вели Јагџи.
Денис Јагџи (1996) е студент на додипломски студии, на Катедрата по фотографија на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА-Скопје, во класата на професорите Роберт Јанкулоски и Елена Бојаџиева. Неговите фотографии биле дел од повеќе групни изложби: „Идентитет“ (Дортмунд, 2018), „Идентитет“ (Скопје, 2018), „Скопје креатива“ (Скопје, 2017), „Теми од мојата земја Македонија“ (Скопје, 2018). Во 2016 година го освои првото место на фотонатпреварот „Мејкинг конекшнс“, организиран од Амбасадата на Холандија во Република Македонија.