Астрологот Зоран Крстевски најавува
Познатиот македонски астролог Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки и универзитетски професор, автор на осум книги од областа на психологијата, астрологијата, филозофијата и популарната психологија, тврди дека денеска ќе бидеме сведоци на ретка астролошка појава, која може да предизвика настани од историско значење.
– Денеска ќе се случи конјункција, односно поклопување помеѓу Јупитер и Плутон во соѕвездието на јарец, според соларниот календар. Нивна повторна средба ќе има на 4 февруари 2033 година кога ќе бидат на 14-от степен во водолија. Претходно Јупитер и Плутон се сретнале на 11 декември 2007 во стрелец. Конјункција на Јупитер и Плутон во јарец се случила и во 1771 година, кога имало голема епидемија на чума во Москва. Поклопување на овие две планети имало и во 1918 година кога завршила Првата светска војна; во 1930-та кога се случила големата економска криза или големата депресија и кога на изборите во Германија нацистите станале втора по важност партија; во 1943 кога Втората светска војна била во својот зенит; во 1968 кога имало голем бран студентски демонстрации низ Европа.
Дека не е сè толку негативно покажува настанот што се случил точно на денот на егзактната конјункција на Јупитер со Плутон (11.10.1968 г.) кога бил лансиран вселенскиот брод „Аполо 7“, прва мисија во „Аполо-програмата“ на САД што носела екипаж во вселената и прва што вклучувала ТВ-преноси во живо од американско вселенско летало – објаснува астролгот Крстевски.
Според него, аспектот на Јупитер и Плутон (на 24 степен во јарец) доаѓа откако на 12 февруари годинава Сатурн и Плутон влегле во конјункција (последен пат се сретнале на 7 ноември 1982 г.) – тоа се поклопува со поинтензивното ширење на пандемијата и кога СЗО болеста ја нарекува ковид-19.
– Овие планетарни поклопувања покажуваат дека се наоѓаме пред исклучително значаен период исполнет со настани што силно ќе влијаат врз состојбите на поединецот и перспективите на човештвото – вели тој.
Но што ќе се случи и што треба да се преземе во периодот што следува?
Борбата на доброто со злото ќе се преслика низ судирот на концептите на поединците и групациите што управуваат и манипулираат од сенка, наспроти оние што својата позитивна енергија и интелектуална способност ги ставаат во служба на доброто и за напредок на човештвото. Ќе бидеме сведоци на борба за моќ и на многу заткулисни игри за воспоставување глобална превласт и обид за заплашувања и загрозувања на слободата на луѓето.
– Џуџестата планета Плутон во астрологијата се поврзува со вирусите, бактериите, смртта, деструкцијата и омразата. Тој е како птицата феникс, прво нештата ги доведува во состојба на пепел, а потоа се раѓа од урнатините. И на глобално и на лично поле Плутон создава суштински промени – носи крај и нов почеток (смрт и повторно раѓање). Јупитер има нагон за ширење и развивање, а Плутон за уништување и трансформирање. Понекогаш таа трансформација може да биде многу болна. Со оглед на тоа што човештвото го загуби духовниот компас и отиде кон патеката на алчноста, заглупувањето, егоизмот, ниските страсти, прељубите и негативноста, неопходно е да се случи освестување и луѓето да сфатат дека ништо не е поважно од мирот со себе, поврзаноста со блиските и здравјето – појаснува Крстевски.
Тој дополни дека времето ќе покаже дали вирусот и лошите сили ориентирани кон моќ и профит ќе победат или добрите луѓе и хуманата ориентација ќе го надвладеат злото?
– Колку нештата да изгледаат страшно и колку и да зависиме од колективните случувања, секој индивидуално одлучува како ќе се постави пред искушенијата и во кој правец ќе ја води својата судбина. Во тој поглед, овој аспект треба да се искористи за ослободување од непродуктивните матрици на размислување и за подобрување на внатрешната состојба на личноста. Верата и надежта (Јупитер) дека тешкото време ќе заврши (Сатурн) и сè ќе почне од почеток (Плутон), треба да бидат наша идеја водилка и стремеж да го направиме живеењето помирно, посреќно и поубаво.
Соочување со последиците, добри или лоши, ќе има околу 12 ноември, кога Јупитер и Плутон повторно ќе се сретнат на 22-от степен од знакот јарец. Претходно овој аспект бил актуелен на 4 април годинава
(во екот на најсилното влијание на пандемијата). Едно е сигурно, по сите овие конјункции присутни во текот на 2020 година ништо повеќе нема да биде исто – категоричен е астрологот Зоран Крстевски.