Истражувачите укажаа дека постои поврзаност помеѓу гените и агресијата. Ваков пример е истражувањето за едно холандско семејство што манифестирало хронично криминално однесување. Научниците увиделе дека ова однесување е наследно и било поврзано со гените што го контролираат производството на ензими, познати како МАО

Занимливости

Едно од најконтроверзните политички, научни и морални прашања што со децении предизвикуваат бурни дискусии во пошироката јавност е прашањето за генетичкото потекло на злосторствата и криминалот. Постојат многу контроверзии околу обидите да се направи конекција помеѓу криминалното однесување и билогијата.
Едно од најконтроверзните тврдења е она на италијанскиот лекар Чезаре Ломброзо, кој под влијание на Чарлс Дарвин тврдеше дека криминалните типови се остатоци од поранешна фаза во еволуцијата на човекот.
Ломброзо тврдеше дека одредени луѓе поради одредени биолошки причини не можат да бидат кривично одговорни за сторените дела. Неговата теорија дека поради одредена психичка болест луѓето не можат да бидат морално одговорни, денес е прифатена од голем број истражувачи. Меѓутоа, неговиот методолошки пристап бил погрешен затоа што бил поврзан со теоријата за поврзаноста помеѓу менталните способности и обликот на черепот, со други зборови бил псевдонаучен.
Денешните научни истражувања, сепак, покажуваат дека постои одредено генетичко потекло на криминалот. Данските истражувачи врз основа на една студија, која била заснована на 3.586 близнаци, тврдат дека кај еднојајчените близнаци постојат 50 отсто шанси да имаат заедничко криминално однесување, наспроти 21 отсто шанси кај неидентичните близнаци.
Друго данско истражување, кое исто така е засновано врз близнаци, покажало дека оние еднојајчени близнаци што потекнувале од криминални семејства, а биле посвоени од некриминални семејства, имале склоност кон криминал. Со други зборови, криминалната биолошка основа била посилна од воспитувањето во нормални семејства, односно постои одреден облик на генетичко пренесување во склоноста на криминал.
Истражувањата на психолозите Марго Вилсон и Мартин Дели укажуваат дека убиствата во рамките на едно семејство се случуваат многу почесто кај несродните, отколку кај сродните членови на семејствата, односно убиствата се случувале најчесто помеѓу мажот и жената, или жената и очувот.
Истражувачите исто така утврдија дека постои поврзаност помеѓу гените и агресијата. Ваков пример е истражувањето за едно холандско семејство што манифестирало криминално хронично однесување. Научниците увиделе дека ова однесување е наследно и било поврзано со гените што го контролираат производството на ензими, познати како МАО.


Едно друго научно истражување укажува дека најголемиот број криминални дејства биле извршени од млади мажи на возраст од 15 до 25 години. Оваа состојба, научниците ја објаснуваат со човековите предци и неговата еволуција. Одредени научници веруваат дека постои континуитет кај мажите кон насилството и агресијата што е генетички предизвикана, како наследство од минатото. Истражувањето покажало дека и жените вршат криминални дејства, но постојат одредени предиспозиции што ги тераат мажите да ги прекршуваат општествените правила.
И покрај научните истражувања што доведоа до одредени сознанија, постојат критичари на генетичката теорија за криминалот. Меѓу критичарите се Мајкл Готфредсон и Тревис Хиршај, кои тврдат дека злосторството и криминалот се општествена категорија, а не биолошка. Тие го истакнале прашањето за моралните вредности на едно општество, одредени нешта во едно општество што се перципираат како криминал, во други општества може да не бидат криминални.
Научниците веруваат дека општеството може да го научи поединецот да го контролира своето однесување преку учењето за правилно однесување во рана фаза на развојот. Општеството исто така може да ја засили оваа самоконтрола преку застрашување и казни, доколку самоконтролата на поединецот не е успешна.