Бев сигурен дека Тамара ќе биде меѓу финалистите, но нема да лажам, не очекував дека на крајот на табелата ќе се најдете на седмото место. Искрени честитки за овој успех, вели Савас Спанудис
Грчкиот новинар Савас Спанудис, главен уредник на двонеделникот „Кинг Бет“, таблоид што се занимава и со прогнозирање на разни спортски натпревари, но и други манифестации, го предвиде влегувањето на нашата годинашна евровизиска претставничка Тамара Тодевска во финалето на „Евровизија“, што се одржа неодамна во Тел Авив, Израел. Со Савас се сретнавме во прес-центарот на „Експоцентарот“ и во пријателски разговор тој ни честиташе за успехот. Според овој добар познавач на евровизиските состојби, кој живее и работи во Атина, оваа „Евровизија“ го потсетила на старите добри времиња на овој фестивал во 1990-тите години.
– Ми се допадна што евровизискиот фестивал годинава се одржа во помал град, а тоа, пак, ме потсети на добрата стара „Евровизија“ од 1990-тите и порано. Навистина, ова беше едно убаво евровизиско издание, со пријателски прес-центар, со квалитетни песни, а прекрасното време, заедно со паркот спроти „Експоцентарот“, плажите на Тел Авив и сите други случувања го направија овој натпревар незаборавен – ни рече Савас Спанудис.
Тој на страниците на својот весник го предвиде влегувањето на Тамара во финалето, во што и самите можевме да се увериме. Инаку, неговите прогнози беа многу точни. Савас погоди седум финалисти од првото и девет од второто полуфинале, беше прецизно точен и во прогнозите за осум земји што ќе се најдат во топ 10 и секако, предвиде дека Холандија ќе биде прва на „Евровизија“.
– Бев сигурен дека Тамара ќе биде меѓу финалистите, но нема да лажам, не очекував дека на крајот на табелата ќе се најдете на седмото место. Искрени честитки за овој успех – ни рече Савас.
Говорејќи за она што, сепак, не му се допаднало на годинашната „Евровизија“, тој ја издвои висината на влезниците.
– Годинава, влезниците што достигнуваа и до 1.000 евра, беа навистина недостапни. Подоцна многу билети им биле поделени на жителите на Израел, но повеќето од нив не беа искористени. Исто така, мислам дека на „Евровизија“ не треба да има четворица презентери, тоа е премногу. Аси Азар беше најдобриот од четворицата, насмеан и спонтан, и претпоставувам дека организаторите го сфатија тоа, па затоа и му дадоа поголема улога во финалето – вели Савас.
Што се однесува до пропустите на годинашнот избор, тој го издвои и повремено лошиот звук.
– Навистина имаше многу грешки во звукот, но тоа, сепак, е нормално за едно вакво големо шоу што се емитува во живо. Имаше и пропусти во најавите на презентерите, кои понекогаш беа малку досадни, но сѐ на сѐ беа симпатични. Според мене, непотребно беше и одолговлекувањето со објавувањето на победникот. Исто така ми пречеше што во прес-центарот беше многу студено, што ги отежнуваше условите за работа. Еден од пропустите на годинашните организатори е и тоа што на сите екрани во прес-центарот, како и во салата на „Експоцентарот“, со големи букви пишуваше – нема снимање или фотографирање, што не беше потребно, бидејќи 80 отсто од луѓето ги користеа своите камери. Но и покрај сите мали пропусти, годинашната „Евровизија“ беше едно убаво искуство за мене, а се надевам и за моите колеги од другите земји-учеснички – ни рече грчкиот новинар Савас Спанудис.