По повод јубилејот, 25 години „Охрид фест“, организаторите ги поканија членовите на групата „Санта Есмералда“ да бидат дел од овој интернационален музички фестивал, кој ќе се одржи од 5 до 7 септември на летната сцена пред хотелот „Ривиера“ во Охрид. Фестивалот, како и досега, ќе има фолк-вечер, поп-вечер и интернационална вечер, годинава со одредени новости.
„Санта Есмералда“ ќе гостува на интернационалната вечер со свое шоу. Оваа позната американско-француска диско група е формирана во 1970-тите години, а најпозната е по хит-дискоримејкот на песната популарна во 1960-тите „Don’t Let Me Be Misunderstood“ и „House of the Rising Sun“.
Оригинален пејач на групата беше Лерој Гомез во 1977/1978 година, кого потоа го замени пејачот Џими Гоингс, од крајот на 1978 до 1983 година, но Лерој се врати од 1990-тите и сѐ уште го предводи бендот.
Групата е основана во 1977 година од француските продуценти Николас Скорски и Жан Мануел де Скарано, текстописци што создадоа сопствена етикета за да создадат уметници што ќе ги снимаат своите композиции. По средбата со пејачот Лерој Гомез, во Париз, дуото го регрутира за првиот албум на групата „Don’t Let Me Be Misunderstood“. Ненадејниот успех во Европа им ја донесе среќата плочата да биде дистрибуирана низ целиот свет, од страна на „Казабланка рекордс“. По богатата дведецениска кариера, во 2004 г. „Санта Есмералда“ го објави албумот „Најголемите хитови“, во кој се претставени нови снимки од дискохитови на бендот. Во 2003 година, песната „Don’t Let Me Be Misunderstood“ се појави како саундтрак во познатиот филм „Убиј го Бил“ – прв дел.
Инаку, конкурсот за нови композиции за фолк и поп-вечерта на фестивалот „Охрид фест“ е отворен до први јуни.