На неодамнешната изложба што се одржа во Центарот за култура во Кичево беа претставени делата изработени на годинешната, петта Младинска керамичка работилница. Дел од учесничките беа ученички кои летово беа дел од петтата јубилејна керамичка работилница што традиционално се одржува во најгрнчарското село во земјава, селото Вранештица.
Марија Богеска, Михаела Стефаноска, Ангела Трајаноска и Зорица Сајкоска, ученички од втора година во ОСУ„ Мирко Милески“, посочија што ги привлекло да земат учество на оваа работилница.
– Кога ни предложија да учевствуваме на керамичката работилница што се одржа во месец јуни, со задоволство го прифативме учеството на истата и со нетрпение очекувавме да започнеме со работа, четири дена да се дружиме со глината и грнчарското тркало. Покрај сознанието што работата со глината е тешка и типично машка работа, сепак во ниеден момент не помисливме дека сме погрешиле што сме дел од оваа работилница. Иако за првпат годинава зедовме учество на работилницата, сепак тоа не беше проблем уште вториот ден да седнеме на грнчарското тркало и самите да создаваме форми од глина според наша визија, кои се дел од оваа богата изложба – рекоа ученичките од општинското средно училиште од Кичево.
Тие најавија дека ова нема да биде единствен пат да бидат дел од оваа работилница и најавија учество и во идните работилници.
– Уште од сега можеме да ветиме дека и следната година би сакале да учествуваме и на шестата керамичка работилница и со искуството што го стекнавме летово, уште повеќе навлеговме во тајните на овој прастар занает. Ќе создаваме нови форми и големини, нетипични за редовните програми на производство на старите мајстори, кои по многу нешта ќе бидат уникати, за кои сметаме и дека на сите ќе им се допаднат – изјавија идните керамичарки.