Се чини дека Земјата е под постојани „напади од небото“, бидејќи секоја година на нашата планета паѓаат 16.000 килограми вселенски материјал, покажува најновото истражување.
Тим научници од Велика Британија го посетиле Антарктикот во потрага по метеорити или нивни остатоци за да утврдат колку често тие паѓаат на Земјата. Резултатите од истражувањето, кои се објавени во списанието „Геологија“, покажале дека ова се случува цело време, бидејќи над нашата планета секоја година паѓаат повеќе од 16.000 килограми остатоци од метеорити, пренесе „Раша тудеј“.
Масата на поголемиот дел од вселенскиот материјали изнесува помеѓу 50 и 100 грама. За среќа, помалите материјали не можат да предизвикаат штета на нашата планета, но затоа поголемите можат да предизвикаат сериозни штети, па затоа се и предмет на експертско истражување.
Антарктикот е центар за откривање метеорити, главно затоа што тие се издвојуваат повеќе на белата површина. Истражувачки тим предводен од Џеф Еват, математичар од Универзитетот во Манчестер, ја пребарувал областа во близината на планинскиот венец Шеклтон на источниот дел од Антарктикот. Тој и неговиот тим потоа направиле глобална процена со создавање математички модел со кој се пресметува колкаво количество вселенски материјал паѓа на Земјата.
Таквиот модел открил нови вредни податоци што ќе се користат во идните процени на ризик кога станува збор за поголемо количество вселенски материјал на Земјата. Интересно е што бројот на ударите од метеорити на Северниот и на Јужниот Пол изнесува околу 60 проценти од она што би се очекувало на екваторот.