В недела во Париз „Детски евросонг 2021“
Кристина, Анастасија, Миха и Филип, децата од популарната телевизиска серија „Дајте музика“ на МРТ, кои ќе ја претставуваат Македонија на „Детскиот евросонг“ што по 19-ти пат ќе се одржи во Париз, Франција, в недела, веќе ја имаа првата проба на евровизиската сцена. Реакциите за песната, чии автори се Роберт Билбилов, кој ја напиша музиката, и Робин Зимбаков, кој го напиша текстот, додека видеоспотот е на „Вертиго вижуалс“, а во продукција на „Рифенштал“, се одлични.
Инаку, тие веќе важат за фаворити на овој избор, а доказ за тоа се и над милион и пол прегледи на видеото за песната „Green forces“, како и високите позиции на листите. И коментарите за песната се многу позитивни, а пристигнуваат од целиот свет.
Во интервјуто што го дадоа по првата проба, нашите претставници изјавија дека немаат трема и оти испраќаат порака до своите врсници, но и до возрасните, да ја чуваме планетата, зашто таа е наш единствен дом. Сите четворица веќе три сезони се дел од тимот на „Дајте музика“, каде што глумат, играат и пеат, а тоа, како што изјавија во интервјуто, многу придонело да имаат поголема самодоверба и сигурност на евровизиската сцена во Париз.
Инаку, годинава сѐ е во знакот на бројот 19, деветнаесетти избор, учествуваат претставници на 19 земји, а и изборот ќе се одржи на 19 декември во 16 часот и директно ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија, која ја има лиценцата за овој избор.
За да бидеме меѓу првите на табелата, можеме да помогнеме и ние со тоа што ќе гласаме онлајн. Од петок, 17 декември, тоа ќе може да се направи на страницата: Junioereurovision.tv, каде што ќе можат да се изберат тројца фаворити, меѓу нив и претставниците на Македонија. Онлајн гласањето ќе трае до 19 декември, кога по изведбата на сите 19 песни, линиите повторно ќе бидат отворени 15 минути. Сите гласови од публиката ќе сочинуваат една половина од конечниот резултат, претворени во поени, а втората половина е од гласовите на жирито. Како и досега, песната со најголем број поени ќе победи на изборот.
Инаку, македонски тим годинава е автор и на песната со која бугарските претставници на „Детската евровизија“, Денислава и Мартин, ќе се претстават во Париз. Автори на текстот и на музиката на „Voice of love“ се: Васил Гарванлиев, Давор Јордановски и Весна Малинова.