Тајното писмо од Голи Оток пристигна во музејот во Кавадарци
Исклучително значаен и емотивен беше моментот на примопредавањето на познатото писмо на тиквешкиот револуционер Боро Ангеловски-Ваташки од Перо Пењушков на директорката на Музеј-галеријата во Кавадарци, Весна Ѓоргиева, што се случи неодамна. Всушност, оригиналната манжетна со пораката во музејот во Кавадарци ја испраќа неговата ќерка Олга Ангеловска, која живее и работи во Пула бидејќи смета дека тоа е дел од историјата на Македонија во чие создавање, покрај нејзините чичковци Наќо Ангеловски и Димката Ангелов-Габерот, учествувал и нејзиниот татко Боро Ангеловски-Ваташки. По цели 72 години ова писмо, во кое искрено и длабоко емотивно тој ја признава својата грешка за време на Информбирото, ќе биде изложено пред пошироката јавност заедно со многубројните документи и предмети што сведочат за светлата историја на македонскиот народ.
„Сине мој. Расти Габер и не се срами од татко ти. За едните станав херој, а за другите издајник. Јас сум обичен комунист и како таков погрешив. Но треба ли да лежам на земја гол и да не ме праќаат во болница. Само желбата да те видам тебе и Хриса и да ве прегрнам сине, праи да живеам. Хвала ти Хрисе на скапиот дар. За Габерот. Ве сака Боро. Ц. Затвор, 21.8.1949“, пишува Ваташки во својата пораката навезена на кошула.
Средбата на Перо Пењушков со ќерката на Боро Ангеловски, Олга, угледната докторка и специјалистка по гинекологија во Пула, се случи по негова иницијатива за време на турнејата со ансамблот на Стевче Стојковски во овој хрватски град, каде што живеат околу 300 Македонци.
– Воопшто не беше тешко да ја пронајдам ќерката на револуционерот од Ваташа, која ја познаваат сите. Таа е и еден од основачите на македонско-хрватските здружение во Хрватска, кои ги има многу и кои многу го почитуваат и негуваат македонскиот фолклор. Имавме топла и многу емотивна средба и двајцата бевме возбудени и во нашиот разговор дојдовме до заклучок дека местото на оваа реликвија од нашето поблиско минато ѝ е во музејот во Кавадарци. Таа ми напиша писмо и со целосна доверба ми ја предаде манжетната да ја донесам во музејот во Кавадарци – вели Пењушков.
Во своето писмо до кавадарчани, Олга Ангеловска пишува: „Татко ми Боро Ангеловски е роден во село Ваташа на 13 Ноември 1919 година а почина 1954 година од уремија-откажување на бубрезите, како последица од злоставувањето во затворот на Голи Оток каде што бил до мај 1952 година. Според кажувањата на мајка ми Христина Ангелова, којашто живееше со мене во Пула до нејзината смрт, татко ми од затворот на Голи Оток ѝ пратил порака до најмилите, сопругата Христина и синот Габер. Кошулата му ја дал, односно ја сменил со кошулата на Вано Ралев, негов земјак и пријател од Тиквешијата што пред него бил депортиран во Голи Оток и имал среќа да извлече жива глава и да се врати во Македонија. Вано Ралев го познавав уште од детството. Беше шнајдер и многу ни помагаше како другар на татко ми. Тој ми раскажа дека воопшто не знаел оти носи тајна порака. Кога дошол во Скопје ѝ ја дал кошулата на мајка ми на која имало крв со порака да ја испере. Мајка ми земала да ја пере кошулата и видела дека се темнее манжетната, ја распарала и ја прочитала извезената порака од татко ми.
Манжетната ја испраќам по почитуваниот колега д-р Перо Пењушков.
Со почит Олга Ангеловска“.
Во „Кавадаречкиот историски речник“ на историчарот Петре Камчевски за Боро Ангеловски-Ваташки пишува дека многу рано се вклучува во редовите на напредното и револуционерно движење. Во септември 1941 година е избран за инструктор по воени прашања на Месниот комитет на КП за Кавадарци. Во мај 1943 година е еден од првите борци во тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“, каде што го добива името Ваташки. Заедно со Мито Мицајков и Душко Деловски добива задача да формира НОО и други органи и служби. Ваташки е член на Околискиот комитет на КПМ, а во септември 1944 година е секретар на Околискиот комитет. Поради неговата револуционерна дејност од бугарскиот воен суд во Скопје во негово отсуство бил осуден на смрт со бесење.