Концерти, изложби, кино, театарски претстави, 3Д видео-мапинг и уште многу други културни содржини ќе бидат дел од овогодинешната јубилејна 15. „Бела ноќ“ во Скопје, која ќе се одржи на 5 октомври.
На 15 локации, истовремено, уметници, музичари и сите што се дел од „Бела ноќ“ на присутните ќе им понудат најразлична културно-уметничка содржина.
Како дел од овогодинешната програма, на платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе започне во 20 часот. Во придружба на „Биг бендот“, скопјани ќе се потсетат на најголемите хитови од Скопскиот фестивал со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и „Ај кју“.
Победниците на натпреварот во видео мапинг на „Скопје лајт арт дистрикт“, французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26-ти јули“.
Во МКЦ, пак, како дел од 9-тото издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со прочуеното британско електронско дуо „параноид Лондон“, но и со домашните „Плутос даут“, „Сетстат“, „Барум Барум“ и останатите артисти и диџеи што ќе бидат дел од фестивалот.
Во МНТ од 22 часот ќе има премиера на претствата „Круг“, адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Reigen), а во режија на Наташа Поплавска. Претставата ја отвара вечната тема – потрагата за љубов, наспроти потребата за секс. Низ десет интимни сцени ќе влеземе во „креветите” на десет карактери кои како во ланец се врзуваат во еден затворен круг. Во главните улоги ќе ги видиме македонската актерка Дејана Попоска, која живее и работи во Париз и италијанскиот актер Јакопо Гaрфањоли. Претставата е забранета за помлади од 18 години, а ќе се одигра на англиски јазик со превод на македонски.
Националната Опера и Балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.
Многу други изложби, настани, претстави, концертни настапи во живо ќе се одржат низ Скопје – КИЦ, Театар Комедија, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата Чаршија, во паркот Ибни Пајко, Мала Станица, градското кино Милениум како и во Музејот на современа уметност.