Биографијата на големиот хрватски и регионален композитор, поет, кантавтор и уметник Арсен Дедиќ, што ја напиша хрватскиот новинар Златко Гал, во вторникот беше претставена во неговиот роден град Шибеник. Арсен е роден на 28 јули 1938, а почина на 17 август 2015 година. Тој засекогаш ја задолжи музичката сцена и многу генерации што уживаа во неговата музика, а неговиот придонес е немерлив и во театарот, на филмот и на телевизија.
Дедиќ остави зад себе богатство на убава музика и стихови што со право се сметаат за неизбришливо народно богатство. Својот прв албум го објави пред 50 години за „Југотон“, кој беше насловен „Човијек као ја“, а меѓу антологиските албуми што останаа од тоа време се и „Homo Volans“, „Провинција“, „Кино Слобода“, „Тихи обрт“, „Министарство страха“…
Минатата година дискографската куќа „Кроација рекордс“ на двоен компактен диск ги објави неговите најрани снимки од периодот 1962-1964 година, со наслов „Рани години – Хронологија“.
Зад Арсен останаа голем број евергрини, како „Moderato cantabile“ и „Куќа поред мора“, „Дјевојка из мога краја“, „О, младости“, „Откако те не волим“, „Амиго“… Пишуваше за најголемите ѕвезди во некогашна Југославија: Габи Новак, Јосипа Лисац, Здравко Чолиќ, „Бијело дугме“, но и за Каролина Гочева и „Леб и сол“.