Археолозите во близина на римскиот Колосеум пронашле невообичаено сочувана глава од античко римски кип, објави римскиот градски совет.
Во соопштението стои дека е пронајдена бела мраморна глава, нешто поголема од вистинска човечка глава и дека датира од царскиот период, кој од прилика трае од првиот век пред нашата ера до третиот и четвртиот век од нашата ера.
Римската градоначалничка, Вирџинија Раги, на нејзиниот Фејсбук профил, ова откритие го нарече исклучително.
Се верува дека главата прикажува божество, но не е јасно од кој вид. Советот првично пишувал за божица, но експертите од Археолошкиот парк на Колосеумот, се поделени околу тоа тврдење.
Во одделно соопштение, Советот наведува дека тоа би можел да биде млад и женствен приказ на Диониз или Бака, грчко-римскиот бог на виното, екстазата и плодноста.
Главата е пронајдена во средновековен ѕид на улицата Александрина, речиси паралелно со авенијата Виа деи Фори Империјали, која води до Колосеумот.