Во време на пандемија на коронавирусот, се покажа дека Британците пијат повеќе од вообичаеното, па, така, продажбата на вино, пиво и други алкохолни пијалаци порасна за 31 процент. Продажбата во продавниците за пијалаци скокна за 31,4 отсто, а во супермаркетите 10,3 отсто, според статистичките податоци за малопродажба за март, пренесе „Дејли меил“.
Продажбата на намирници достигнала вредност од околу 10,8 милијарди фунти, особено предизвикана од паничното купување, со што биле соборени рекордните податоци од времето за Божиќ кога инаку се забележуваат најголеми приходи од продажбата. За купување алкохолни пијалаци, пак, биле потрошени дополнителни 200 милиони фунти.
Омилен пијалак на Британците за време на изолацијата е виното, проследено со пиво, џин и виски, според истражувањето на Здружението на производители на вино и алкохолни пијалаци.
– По епидемијата, овој интерес за вино може да се пренесе и во пабовите, баровите и рестораните и тоа преку младите урбани луѓе, кои сѐ повеќе имаат познавање за видовите вина – вели Марк Њутон.
Во Велика Британија поради коронавирусот се затворени околу 47.000 паба и се верува дека тие ќе останат затворени некаде до септември.
За време на епидемијата, исто така било забележано и зголемување на продажбата на машинки за потстрижување, бидејќи фризерските салони сè уште се затворени, при што продажбата достигнала највисоко ниво досега, или 22,3 проценти од вкупниот промет. Од друга страна, пак, продажбата на облека, мебел и гориво опаднала. Се смета дека изолацијата на луѓето во голема мера може да влијае на промената во навиките на потрошувачите.